Трамп: Ќе го уништиме Иран ако нема договор, нема повеќе господин добар

Макфакс

19/04/2026

16:29

626

Големина на фонт

а а а

Главниот дописник на ABC News од Вашингтон, Џонатан Карл, објави на платформата X дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп.

Тој тврди дека Трамп му рекол оти Иран направил „сериозно прекршување“ на примирјето, но дека сè уште верува дека може да се постигне мировен договор. Не прецизирал што точно го смета за прекршување.

Трамп се огласи и на социјалната мрежа Truth Social.

„Иран вчера реши да отвори оган во Ормускиот теснец, што претставува целосно прекршување на нашиот договор за примирје! Многу истрели беа насочени кон француски брод и товарен брод од Обединетото Кралство. Тоа баш и не беше убаво, нели?

Моите претставници патуваат во Исламабад во Пакистан — таму ќе бидат утре навечер на преговори. Иран неодамна објави дека го затвора теснецот, што е чудно бидејќи нашата блокада веќе го затвори. Тие, без да се свесни, всушност ни помагаат, а притоа тие губат од затворениот премин — 500 милиони долари дневно! САД не губат ништо.

Напротив, многу бродови моментално пловат кон САД, во Тексас, Луизијана и Алјаска, за да се снабдат, благодарение на Иранската револуционерна гарда која секогаш сака да глуми ‘опасен играч’.

Нудиме многу фер и разумен договор и се надевам дека ќе го прифатат, бидејќи ако не, САД ќе уништат секоја електрана и секој мост во Иран. Нема повеќе господин добар! Брзо ќе попуштат, лесно ќе попуштат, а ако не го прифатат договорот, ќе ми биде чест да го направам она што треба да се направи, што другите претседатели требаше да му го направат на Иран во последните 47 години.

Време е да се запре иранската машина за убивање“, порача Трамп.

Примирјето меѓу САД и Иран стапи на сила на 8 април и трае до 22 април. Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, изјави дека и понатаму постојат големи разлики меѓу двете земји.

Новите тензии се појавија откако Иран повторно забрани премин на бродови низ Ормускиот теснец. Теснецот ќе остане затворен сè додека САД не ја укинат блокадата на иранските пристаништа, соопшти морнарицата на Иранската револуционерна гарда преку државните медиуми.

Овој тесен морски премин е клучен за глобалната трговија со нафта и гас, а неговото затворање предизвика сериозни нарушувања, нагло зголемување на цените на енергенсите и мерки ширум светот за спречување недостиг на гориво.