Кристин Лагард: Инфлацискиот притисок во ЕУ расте поради Блискиот Исток

Макфакс

17/04/2026

19:01

147

Големина на фонт

а а а

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, денес предупреди дека ризиците за инфлација во Еврозоната постојат главно поради војната на Блискиот Исток, што ја зголемува глобалната неизвесност и дополнително ја комплицира проценката на економските перспективи.

Во изјава по состанокот на Меѓународниот монетарен и финансискиот комитет во Вашингтон, таа истакна дека неизвесноста околу инфлацијата во Еврозоната значително се зголемила, особено на краток рок, додека среднорочните ефекти ќе зависат од времетраењето и интензитетот на конфликтот.

Лагард нагласи дека Европската централна банка во моментов нема да донесува итни одлуки за каматните стапки, туку следи како растот на цените на енергијата и глобалните тензии влијаат врз економијата.

Инфлацијата во Еврозоната продолжува да останува над целното ниво од два проценти, па затоа инвеститорите не исклучуваат зголемување на каматните стапки во 2026 година, објавува Блумберг.

Таа оцени дека моменталните услови во европската економија се „помеѓу основното и негативното сценарио“, со акцент на ранливоста на енергетски шокови и глобални нарушувања.

Лагард, исто така, предупреди дека дополнителните трговски тензии, послабата потрошувачка и нарушувањата во синџирот на снабдување би можеле да го забават растот и да ги зголемат инфлаторните притисоци.

Дополнително, таа ја нагласи потребата Европа да ја намали зависноста од фосилните горива и да ја зајакне економската отпорност во услови на сè понестабилна глобална средина, пренесува Танјуг.