[ФОТО] Кралицата Летиција повторно издоминира и покажа дека седата коса може да биде многу елегантна

Кармин

17/04/2026

14:26

407

Големина на фонт

а а а

Шпанската кралица Летиција привлече внимание за време на појавувањето во Мадрид со својот сопруг, 58-годишниот крал Фелипе.

Кралскиот пар посетил едно угостителско училиште, а 53-годишната кралица по тој повод уште еднаш покажа дека седатакоса може да изгледа елегантно, модерно и многу уредно.

Природен изглед што ѝ прилега одлично

Летиција остана верна на својот препознатлив, природен стил. Косата ја носела долга и права, со страничен патец, а во нејзината темно-кафеава коса јасно се гледале сиви прамени кои не се обидела да ги прикрие. Токму тие дополнително го нагласиле нејзиниот природен изглед и самодоверба.


Целиот впечаток го заокружила со дискретни детали. Избрала мали сребрени обетки во облик на молња и ненаметлива шминка, додека модната комбинација ја комплетирала со светлосина блуза со машна околу вратот, парче кое веќе со години важи за класика на елегантното женско облекување.

Порака против опсесијата со младоста

Многумина сметаат дека Летиција и со ова издание испраќа јасна порака против сè присутната опсесија со младоста и потребата знаците на стареење по секоја цена да се кријат. Шпанската кралица повеќепати досега покажала дека ѝ е блиска естетиката на природноста и дека токму во ненаметливоста и едноставноста ја наоѓа сопствената елеганција.


Кралицата и кралот Фелипе, кои се во брак повеќе од дваесет години, често заедно учествуваат на јавни настани, а Летиција при тоа редовно привлекува внимание со своите одмерени модни изданија и природен изглед.

Една од најдобро облечените жени во светот

Летиција многумина ја сметаат за една од најголемите модни икони во светот. „Vanity Fair“ ја вклучи меѓу топ 10 најдобро облечени жени, а бројни странски медиуми редовно пишуваат за нејзиниот елегантен стил, но и за едноставните и ценовно пристапни модни избори. Често може да се види во облека од „Zara“, популарниот шпански бренд.


Поранешна новинарка

Кралицата Летиција од Шпанија е поранешна новинарка и ТВ-водителка, која пред бракот со кралот Фелипе VI работела за медиумски куќи како „CNN“ и шпанската национална телевизија „TVE“.

Родена е во 1972 година во Овиедо, а нејзиниот брак со тогашниот принц Фелипе во 2004 година ѝ ја донесе титулата принцеза, а подоцна и кралица. Позната е по посветеноста на општествени теми, вклучувајќи образование, здравство и борба за правата на жените.



Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk