Аурелио Де Лаурентис, 76-годишниот контроверзен сопственик на Наполи, во интервју за „Њујорк тајмс“, презентираше радикални идеи за модернизација на фудбалот.
Според Де лаурентис, фокусот треба да биде на младите генерации.
„Фудбалот ќе ја изгуби помладата генерација. Натпреварите се предолги, децата немаат концентрација за 90 минути фудбал“, рече Лаурентис и додаде:
„Замислете ја таа глупава пауза од 15 минути на полувремето! Дали мислите дека мојот шестгодишен внук, кој знае сè за фудбалот од PlayStation, ќе се врати по 15 минути? Никогаш. Ќе избега од нас. Ќе оди во својата соба да игра ФИФА.“
Неговото решение е драстично.
„Би го скратил полувремето од 45 минути на 25 минути“, рече тој, истакнувајќи дека ќе се мери само времето кога топката е во игра, што би ставило крај на „крадењето на времето“.
„Не можеш да се тркалаш по теренот како глумец. Ахххх! Нема шанси! Што друго би направил? Би ги укинал црвените и жолтите картони. Наместо тоа, излегуваш пет минути за жолт картон и 20 минути за црвен.“
Целта на сите промени е поатрактивна игра со повеќе голови.
„Има премалку голови, играта не е спектакуларна. Мора да има повеќе, а за да ги имаме, мора да ги промениме правилата. Не можеш да поништиш гол поради неколку милиметри. Тоа правило за офсајд мора да се промени, доста е. Новите генерации се наше злато. Ако не ги задоволиме – ќе умреме“, заклучи Де Лаурентис.







