[ВИДЕО] Мицкоски: „Доколку Груевски се појави во Македонија, ќе го упатат на отслужување затворска казна“

Точка

14/04/2026

12:53

1.260

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, коментирајќи ситуацијата во Унгарија, изјави дека прашањето за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски е во надлежност на унгарските институции, нагласувајќи дека одлуките во тој процес ги носи Владата во Будимпешта.

„Јас како што сум запознаен, екстрадиција е побарана уште во 2018 година, а е одбиена во 2019 година, и дополнителни коментари треба да се побараат од Министерството за правда. Јас не сум министер за правда, јас сум премиер“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека доколку Груевски се врати во Македонија, ќе мора да ја издржува затворската казна согласно правосилната пресуда.

„Доколку Никола Груевски се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и веднаш органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на отслужување на затворска казна“, изјави премиерот.

Мицкоски нагласи дека Владата е обврзана да ги почитува законите и институциите, додавајќи дека секое лице има право да ги користи правните механизми, вклучително и жалби.

„Ние сме Влада за којашто сите закони важат и која мора да ги почитува институциите во државата. А дали ќе се врати и кога ќе се врати, јас немам такви очекувања“, рече Мицкоски. 

Извор: „Скопје1.мк“.