Шпански истражувачки тим соопшти дека експерименталната вакцина „Nous-209“, наменета за спречување на рак на дебело црево кај пациенти со ризик, покажала силен имунолошки одговор без сериозни несакани ефекти во раните клинички испитувања.
Ова би можело да означи значаен пробив во превентивната медицина.
Според „Јуровикли њуз“, водечкиот истражувач Едуардо Вилар-Санчез потврдил дека раните испитувања на 45 пациенти со Линчов синдром, кои носат до 80 отсто ризик од развој на рак во текот на животот, покажале силен имунолошки одговор без сериозни несакани ефекти.
Оваа вакцина е пример за таканаречената „интерцептивна медицина“, пристап кој има за цел да ја запре болеста пред да се развие и би можел да ја намали потребата од чести инвазивни колоноскопии во иднина.
За разлика од класичните вакцини кои се насочени кон вируси или бактерии, „Nous-209“ делува така што го „тренира“ имунолошкиот систем да препознава рани промени поврзани со развојот на ракот.

Вакцината, објаснува шпанскиот портал, користи безопасен вирусен вектор за да достави генетски материјал поврзан со туморски маркери, со што ги активира Т-клетките за да ги идентификуваат и уништат абнормалните клетки пред да се развијат во рак.
Практично, наместо да го лекува ракот откако ќе се појави, имунолошкиот систем се подготвува однапред да го спречи, што претставува премин од реактивен кон превентивен пристап во медицината.
Тековните испитувања се фокусирани на луѓе со Линчовиот синдром, генетско нарушување кое значително го зголемува ризикот од рак на дебелото црево и други тумори.
За овие пациенти, превенцијата е од клучно значење и во моментов вклучува редовни колоноскопии и постојан медицински надзор.
Доколку вакцината се покаже како ефикасна, таа би можела да обезбеди дополнително ниво на заштита и да ја намали потребата од инвазивни дијагностички процедури.

Истражувањето моментално е во првата фаза од клиничките испитувања, а по една година, кај повеќето пациенти не биле забележани напредни преканцерозни промени, што е еден од клучните индикатори за успех што ги следат истражувачите.
Сепак, експертите предупредуваат дека резултатите се прелиминарни и дека се потребни пообемни испитувања за да се потврди долгорочната ефикасност и безбедност на вакцината.
Според Вилар-Санчез, вакцината потенцијално би можела да биде достапна во следните осум години, под услов понатамошните истражувања да ја потврдат нејзината ефикасност и безбедност, како и по регулаторните процедури на Европската агенција за лекови.











