Фердинанд: Арсенал може да се збогува со титулата во Премиер лигата ако не победи овој викенд

Дерби

07/04/2026

10:20

279

Големина на фонт

а а а

Арсенал остана надвор од игра за трофеј во двете Куп натпреварувања во Англија во краток временски период, а двата порази во низа се сигнал дека тимот мора да се прибере пред клучните два месеци во сезоната.

Пред тимот на Микел Артета сега е првиот четвртфинален дуел со Спортинг Лисабон во Лигата на шампиони, но за Рио Фердинанд, многу поважно е тоа што ќе се случи претстојниот викенд.

Легендата на Манчестер Јунајтед смета дека Арсенал мора да ја прекине лошата низа резултати, бидејќи во спротивно, ризикува да остане и без титулата во Премиер лигата со оглед на распоредот до крајот на сезоната.

Според Фердинанд, клучен за шампионските амбиции ќе биде саботниот дуел против Борнмут, особено поради фактот што после тоа следи гостување на „Итихад“.

– Доаѓа делот од сезоната во кој клучно ќе биде како играчите се справуваат со притисокот, а во такви услови, искуството знае да има пресудна улога. Манчестер Сити многупати го има изодено овој пат, па затоа Арсенал не смее да си дозволи тимот на Пеп Гвардиола да дојде до посакувана блискост. Арсенал ризикува да го предаде моментумот на спротивната страна.

– Арсенал исто така одел по овојпат, но на крајот завршвал втор, па затоа не смеат да си дозволат луксуз и мора да победуваат. Артета треба да си ги заработи своите пари во овие два месеци, нема да биде лесно, но мора да го направи тоа. Следи натпревар против Борнмут и мора да победат. Ако не го направат тоа, потоа следи гостување кај разиграниот Манчестер Сити. Тоа може да значи и збогување со титулата, – изјави Рио.