Американскиот претседател Доналд Трамп објави нова закана кон Иран, на платформата Трут соушл, истакнувајќи дека Техеран има уште 48 часа пред да „стигне пеколот“.
„Се сеќавате кога им дадовме на Иран десет дена да постигне договор или да го отвори Ормутскиот теснец? Времето истекува – уште 48 часа пред пеколот да се излее врз нив. Слава му на Бога!“, напиша Трамп.
Серија на ултиматуми
Во последните денови, Трамп повеќепати јавно поставуваше рокови за Иран, заканувајќи се со ескалација, ако не се отвори Ормускиот теснец и не се постигне поширок договор. Претходно тој даде рок од десет дена, со закани за напади на енергетската инфраструктура на Иран.

Во повеќе наврати, Трамп исто така порача дека САД можат дополнително да ги засилат воените операции ако Иран не попушти, вклучувајќи и удари врз клучни економски цели.
Војна без јасен крај
Во неодамнешно обраќање, Трамп истакна дека војната може да заврши за два до три недели, но без конкретни детали како тоа би се постигнало.
Аналитичарите предупредуваат дека честите промени на роковите и заканите дополнително ја зголемуваат неизвесноста на теренот, додека конфликтот влегува во шестата недела без јасно политичко решение.








