[ВИДЕО] Сакала на сопругот да му подари мачка за роденден - добил седум

Точка

31/03/2026

21:10

471

Големина на фонт

а а а

Едноставниот план на Кели Бити да го изненади сопругот Адријан со една мачка за роденден се претворил во дом полн со крзнени миленици, откако „случајно“ завршила со седум мачки.

Парот од Канада веќе има два германски овчари, две минијатурни кози и 14 кокошки, но Адријан, голем љубител на мачки, никогаш немал своја поради нејзината алергија.

Бити заклучила дека, откако старата работилница ја преуредиле во штала за козите и кокошките, би можеле да набават мачка која би престојувала надвор. Бидејќи на сопругот му се ближел роденденот и бил на службено патување, решила да му возврати за козите што тој ѝ ги подарил нејзе за роденден.

Една, две, седум

На канадскиот интернет-огласник „Kijiji“ пронашла мачка на која итно ѝ бил потребен нов дом. Условот бил Бити да ја земе и сестрата на мачката, на што таа се согласила. Само еден ден откако ги донела двете мачки дома, нејзиниот син отишол во шталата да ги нахрани и се вратил трчајќи.


„Се исплашив дека нешто не е во ред и потрчав кон него“, изјавила за „Newsweek“. „Викаше: ‘Има мачиња!’“

Се утврдило дека една од новите мачки окотила пет мачиња. Планот за изненадување брзо се претворил во радосен хаос.

„Не можев да поверувам, но истовремено и се смеев затоа што тоа е толку типично за нас – ние сме магнет за хаос и смешни моменти“, рекла таа. „Само сакав да му набавам една мачка, а секако, завршив со седум за кои мојот сопруг немаше поим“.

Шок и среќа кај сопругот

Кога сопругот ѝ се јавил подоцна истиот ден, на својот роденден кој сега го дели со новите мачиња, не можела да му ја сокрие веста. Видеото објавено на Инстаграм ја прикажува неговата реакција – целосен шок додека наизменично гледал во неа и во кошницата со мачиња.


Откако почетниот шок поминал, Адријан воопшто не бил вознемирен, туку пресреќен. Таа додала дека тој се плашел дека целото ова медиумско внимание ќе ја поттикне повторно да го изненади, иако признала дека сонува за мала фарма и дека следно на списокот би било минијатурно магаре.

Видеото стана вирално

Видеото брзо стана вирално и досега собра повеќе од 1,7 милиони прегледи и 1600 коментари на Инстаграм. Гледачите во коментарите изразиле воодушевување од неочекуваниот исход.

„Ја обожавам оваа акција ‘купи една, доби шест гратис’“, напишал еден корисник. „Големопродажба на мачки“, додал друг, додека трет коментирал ситуација позната на многумина: „‘Па што е уште една?’ – така почнува тоа“.