Трамп се закани: Ако нема договор, ќе ја уништиме енергетската инфраструктура на Иран

Макфакс

30/03/2026

14:30

244

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД водат сериозни разговори со новото иранско раководство, но предупреди дека доколку наскоро не се постигне договор, можно е ново засилување на воените операции.

Тој се закани дека САД би можеле да ги уништат клучните енергетски објекти на Иран, вклучувајќи електрани, нафтени полиња и извозни терминали, доколку Ормускиот теснец не биде отворен.

„Соединетите Американски Држави се во сериозни разговори со НОВ И ПОРАЗУМЕН РЕЖИМ со цел да завршат нашите воени операции во Иран. Постигнат е голем напредок, но ако од која било причина наскоро не се постигне договор, што веројатно ќе се случи, и ако Ормускиот теснец веднаш не биде ‘ОТВОРЕН ЗА РАБОТА’, ние ќе го завршиме нашиот пријатен ‘престој’ во Иран така што ќе ги разнесеме и целосно ќе ги уништиме сите нивни електрани, нафтени полиња и островот Харг (а можеби и сите постројки за десалинизација!), кои намерно сè уште не сме ги ‘допреле’“, објави Доналд Трамп.

„Тоа ќе биде одмазда за нашите бројни војници и други кои Иран ги масакрирал и убивал во текот на 47 години ‘ВЛАДЕЕЊЕ НА ТЕРОР’. Ви благодарам на вниманието. Претседател ДОНАЛД Џ. ТРАМП“.“

Истовремено, се најавуваат можни преговори со посредство на Пакистан, но засега нема потврда дали двете страни ќе учествуваат. Иран, пак, предупредува дека нема да прифати „понижување“ и ќе одговори на евентуална американска копнена офанзива.

Во меѓувреме, судирите продолжуваат – Израел изведува нови напади врз Иран, додека од иранска страна и од Јемен се лансираат проектили кон Израел.

САД веќе испратија дополнителни воени сили во регионот и разгледуваат повеќе воени опции, додека Трамп изјави дека размислува и за преземање на иранските нафтени ресурси.

И покрај ескалацијата, Трамп изрази уверување дека договор е можен, но призна дека исходот останува неизвесен.