Хоџа: Потпишувањето на првиот колективен договор е доказ за вреднувањето на трудот на работниците

Макфакс

30/03/2026

12:50

170

Големина на фонт

а а а

Министерството за животна средина и просторно планирање и Синдикалната организација на Министерството денеска направија значаен исчекор кон унапредување на работничките права на вработените, со потпишување на првиот колективен договор од ваков вид, соопштија од Министерството.

Со договорот се предвидува постепено зголемување на платите на работниците во Министерството, по 7 отсто почнувајќи од март 2026 година, со дополнителни зголемувања во 2027 и 2028 година.

Истовремено, се обезбедува и унапредување на условите за сите вработени, преку усогласување на платите за останатите категории согласно законските прописи, но и преку воведување на низа конкретни придобивки: надоместоци за ноќна и сменска работа, регулирање на исплатата на патните трошоци, работа за празници и прекувремена работа, јубилејни награди, како и засилени механизми за заштита од вознемирување и унапредување на безбедноста при работа.

Министерот Муамет Хоџа, по потпишување на договорот со претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски и претседателката на синдикалната организација Мартина Спасовска Тоцева, рече дека овој договор претставува резултат на заедничка посветеност, дијалог и меѓусебна почит.

„Договорот носи поголема јасност и сигурност во однос на правата за платено и неплатено отсуство, што придонесува за подобар баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот“, рече Хоџа