Милан отсекогаш бил тесно поврзан со фудбалери кои доаѓаат од Балканот, па по примерите на Дејан Савичевиќ, Звонимир Бобан и сега Лука Модриќ, во иднина своето место на „Сан Сиро“ ќе го бара и Андреј Костиќ.
Суперталентираниот напаѓач на Партизан ги договори сите детали за трансфер во Милан, а планот е целата операција да биде официјално потврдена во текот на наредната недела.
Италијанскиот гигант ја искористил репрезентативната пауза за да ја заврши операцијата со Партизан, клуб кој ќе инкасира околу 3 милиони евра за својот најнадежен фудбалер во првиот тим.
Оваа сезона Црногорецот се претвори во клучен играч на „црно-белите“ и неговиот раст го забележаа голем број великани, но Милан се покажа како клуб кој прв презема сериозна иницијатива.
Угледните италијански медиуми информираат дека Милан ќе плати 3 милиони евра за да го добие 19-годишниот напаѓач, додека српските додаваат дека во договорот ќе биде вклучена и дополнителна клаузула за бонуси, според кои Партизан би можел да инкасира уште 4 милиони евра во иднина.








