„BMW“ „коцка“ е извонреден автомобил, дали е и најдобриот „BMW“ во историјата?

Точка

27/03/2026

22:46

582

Големина на фонт

а а а

Многу љубители на „BMW“, но и вљубеници во автомобили, ќе се согласат дека „BMW E30“ е еден од најдобрите модели што баварскиот гигант ги произвел во својата стогодишна историја.

„E30“, кај нас попознат како „BMW“ „коцка“, се произведуваше цели 12 години, од 1982 до 1994 година, а возачите ги освои со одличното управување и речиси совршениот реден шестцилиндричен мотор. Како втора генерација на „BMW“ Серија 3, по моделот „E21“, донесе пресврт во дизајнот.

Наместо заоблени линии и препознатливата „shark nose“ маска, доби поаголен, поелегантен и помодерен изглед. Во неговиот развој беа користени компјутерски потпомогнати процеси и тестирања во аеротунел, што за тоа време беше многу напредно.


И покрај бројните верзии, од различни мотори до седани, кабриолети и тркачки хомологациони модели, „E30“ остана верен на својата основна идеја. Беше компактен, лесен и исклучително забавен за возење.

Во продолжение ги издвојуваме десетте клучни причини зошто „E30“ и денес е толку ценет.


Баран класик меѓу колекционерите

„BMW E30“ со текот на времето стана вистински колекционерски примерок. Иако се произведени повеќе од 2,3 милиони автомобили, денес има малку во добра состојба, а ретките верзии достигнуваат многу високи цени.

Добро зачуван примерок може да вреди околу 20.000 евра, додека верзијата „M3“ спаѓа меѓу вистинските колекционерски бисери. Дополнителна вредност дава фактот што бил исклучително популарен меѓу тјунинг ентузијастите, па постојат голем број прилагодени и уникатни примероци.

Најдоброто е што и со купување на основна верзија добивате вистински „BMW“ со душа.


Квалитет на изработка што трае со децении

Уште во раните 1980-ти „BMW“ беше синоним за квалитет, а „E30“ тоа дополнително го потврди. Се произведуваше според високи стандарди во Германија и Јужна Африка, со употреба на квалитетни материјали и прецизна изработка.

Посебно внимание беше посветено на суспензијата, сопирачките и управувачкиот систем, што обезбеди долговечност и одлични возни карактеристики.


Одлични возни својства

„E30“ можеби не може да им конкурира на денешните модели по сила, но во своето време беше меѓу најдобрите по возни карактеристики.

Основниот модел со 75 коњски сили беше жив, додека верзијата „M3“ од 1986 година донесе вистински спортски карактер. Имаше 2,3-литарски мотор со до 238 КС и можеше да достигне брзина од околу 235 км/ч.


Благодарение на речиси идеалната распределба на тежината, задниот погон и прецизната суспензија, автомобилот беше исклучително стабилен и управлив во свиоци.

Возењето на „E30“ не беше само превоз, туку искуство што го поврзуваше возачот со автомобилот на начин што денес ретко се гледа.


Широка понуда на мотори

„E30“ беше достапен со различни мотори, од четирицилиндрични до редни шестцилиндрични. Особено се истакнуваше шестцилиндричниот мотор кој нудеше добар баланс меѓу моќност и доверливост, додека верзијата „M3“ беше вистинска тркачка машина.

Посебна приказна е и „325iX“, првиот „BMW“ со погон на сите тркала.


Дизајн што не старее

Иако потекнува од 1980-тите, „E30“ и денес изгледа привлечно. Неговите пропорции, двојната маска и препознатливите светла станаа заштитен знак на „BMW“.

Претставуваше совршен премин меѓу „кутијастите“ автомобили од 1970-тите и аеродинамичните модели од 1990-тите.


Премиум статус

„E30“ беше луксузен автомобил за своето време. Имаше опрема како „ABS“, клима-уред и електрични подигнувачи на стакла, што тогаш не беше вообичаено.

Беше поскап од конкурентите, што дополнително го позиционираше како премиум модел.


Доминација на трките

Покрај тоа што беше одличен за секојдневно возење, „E30“ беше и исклучително успешен на патеката.

Се користеше во бројни натпреварувања и аматерски трки, а благодарение на добрата достапност на делови беше популарен меѓу возачите.


„E30 M3“ беше исклучително успешен во мотоспортот. Победуваше во „DTM“ и европското „touring“ првенство од 1987 до 1989 година.

Освои и австралиско првенство и беше успешен во рели, вклучувајќи победа на трката „Tour de Corse“ во 1987 година.


Голем број верзии

„E30“ беше достапен во различни изведби, од седан и караван до кабриолет.

Моторите нудеа од 75 до 238 коњски сили, а постоеја повеќе од 40 различни модели.


Статус што подоцнежните генерации не го достигнаа

Иако подоцнежните генерации на Серија 3 беа успешни, ниту една не го достигна статусот на „E30“.

Моделите како „E36“, „E46“ или „F30“ донесоа напредок, но „E30“ остана симбол на едноставност, возачко уживање и доверливост.

Тоа беше автомобил што подеднакво добро се вклопуваше и во секојдневниот живот и на тркачката патека. Токму затоа и денес ужива култен статус меѓу љубителите на автомобили.