Речиси целата комуникација од Иран останува блокирана, а прекинот на интернетот влезе во својот 26-ти ден, објави NetBlocks.
Организацијата што ја следи интернет конекцијата вели дека прекинот надминал 600 часа, оставајќи ги „цивилите отсечени од меѓународните мрежи“, што, предупредуваат тие, го нарушува нивното право на пристап до информации во време на војна.
За потсетување, иранските државни медиуми вчера објавија дека полицијата уапсила 466 лица за наводни онлајн активности против националната безбедност. Тоа беше еден од најголемите безбедносни бранови апсења од почетокот на војната со Израел и САД.
„Хјуман рајтс воч“ претходно предупреди на бран масовни и произволни апсења во Иран за време на немирите и војната оваа година.
Иранските власти претходно запленија и сателитски системи Starlink што некои граѓани ги користеа за да ја заобиколат блокадата.
NetBlocks минатата недела објави дека ова е најдолгото забележано исклучување на интернетот во историјата на Иран.








