Во камбоџанските пештери, создадени во древни варовнички формации, истражувачите откриле дури 11 нови видови животни – меѓу нив тиркизна змија, „летечка“ змија, повеќе видови гекони, како и ситни полжави и стоногалки.
Истражувачите се упатиле кон северозападната покраина Батамбанг во Камбоџа, каде што се протегаат илјадници километри сè уште слабо истражени пештери. Тие кријат единствени екосистеми во кои живеат видови што не постојат никаде на друго место во светот, пишува Си-ен-ен.

Меѓу највпечатливите откритија е вид змија што на главата има посебен орган чувствителен на топлина, со чија помош открива топлокрвен плен. Иако видот сè уште нема официјално име, научниците сметаат дека станува збор за исклучително интересно откритие.

Истражувањето, кое траело од ноември 2023 до јули 2025 година, опфатило 64 пештери на десет варовнички возвишенија. Некои видови, вклучително и змијата и повеќе гекони, сè уште чекаат официјално научно именување, додека други веќе се признати како нови.
Истражувачите истакнуваат дека секое варовничко возвишение и секоја пештера се своевидна „лабораторија на еволуцијата“.

Поради изолираноста, видовите се развиваат секој на свој начин, што им овозможува на научниците увид во приспособувањата кон животната средина. ДНК-анализите откриваат зошто некои видови се слични, а други сосема различни.
За време на теренската работа, научниците ноќе, кога животните се најактивни, пребарувале по тежок и остар терен и ја прегледувале секоја пукнатина, карпа и вегетација. Во некои пештери пронашле и до еден милион лилјаци.

Освен новите видови, на подрачјето биле евидентирани и веќе познати, но загрозени животни, како што се сундскиот панголин, зелениот паун и различни видови макаки.
Научниците очекуваат уште многу нови откритија
И покрај важните откритија, експертите предупредуваат дека се дури на почетокот. Голем дел од камбоџанските варовнички подрачја и натаму се неистражени, па се очекуваат уште низа нови откритија.
Истовремено, тие единствени живеалишни системи се сè позагрозени – пред сè поради експлоатацијата на варовник за производство на цемент, но и поради туризмот, ловот, сечата на шумите и пожарите. Експертите предупредуваат дека уништувањето на таквите подрачја би можело да доведе до исчезнување на видови што науката сè уште не стигнала ни да ги открие.

Затоа истражувачите, заедно со властите, настојуваат да обезбедат подобра заштита на тие подрачја и разгледуваат воведување посебен статус на заштита што би овозможил долгорочно зачувување на овие единствени екосистеми.














