Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека следењето на членот на владата Петер Сјартo е сериозен напад врз Унгарија и дека му наложил на министерот за правда веднаш да ги истражи информациите поврзани со шпионирањето на унгарскиот министер за надворешни работи.
На Фејсбук, Орбан сподели линк од статија на порталот „Mandiner.hu“ под наслов: „Странските служби ја пресретнаа комуникацијата на министерот за надворешни работи Петер Сијарто со помош на унгарски новинар, трагите водат до Анита Орбан“, алудирајќи на експертот за надворешни работи од партијата Тиса, пренесува MTI.
„Му наложив на министерот за правда веднаш да ги истражи овие информации“, рече Орбан.
Во текстот, „Мандинер“ наведува дека добил анонимен е-мејл со аудио-снимка „која покажува дека Саболч Пањи, новинар на медиумите финансирани од странство, е во контакт со странски разузнавачки служби и дека им го дал телефонскиот број на министерот за надворешни работи Петер Сијарто, што им овозможило да ги следат неговите телефонски разговори“.
Во видеото, Пањи вели дека им дал два броја.
„Тие рекоа дека ги виделе истите броеви. Ве прашав за вашите броеви. Вашите и на Питер“, вели тој во видеото.
Кога го прашале за која земја од ЕУ станува збор, Пањи одговорил дека не може да каже и го замолил соговорникот да не кажува никому за тоа.
„Мандинер“ наведува дека снимката покажува и дека неименуваната земја веќе имала податоци за метаподатоците од телефонските повици на Сијарто, тие знаеле „кого повикал спорниот број и кој го повикал него“.
Сијарто, според соопштението на Министерството за надворешни работи на Унгарија, оценил дека „зачудувачки е што една или повеќе странски разузнавачки служби ги пресретнале неговите разговори со активно учество на унгарски новинар“.
Тој инсистирал дека „тој новинар припаѓа на најтесниот круг на партијата Тиса“.
„Унгарски новинар со активни врски со странски разузнавачки служби би бил во позиција да одлучи кој треба да работи во Министерството за надворешни работи под водство на Тиса и би имал пристап до разни материјали. Ова покажува како би изгледало проукраинско Министерство за надворешни работи во проукраинска влада“, рекол Сијарто, според Танјуг.
Тој рекол дека владата „нема да се откаже од унгарските национални интереси, без оглед на притисоците или дејствијата на тајните служби“.
„Ќе продолжиме да работиме за да осигуриме дека Унгарија нема да биде вовлечена во војната. Ќе продолжиме јасно да ставаме до знаење дека унгарските пари не можат да се испраќаат во Украина и дека Украина не може да се приклучи на ЕУ. Ќе продолжиме да се бориме за евтина енергија. На 12 април, граѓаните на Унгарија можат да одлучат дали сакаат да живеат во мир и безбедност“, рече тој, алудирајќи на парламентарните избори, пренесува Танјуг.
Унгарскиот државен секретар за меѓународни комуникации и меѓународен портпарол во кабинетот на премиерот, Золтан Ковач, напиша на платформата Икс дека новите детали од протечената аудио снимка укажуваат на координирана операција поврзана со разузнавачките служби, насочена кон унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, со учество на странски актери и политички врски кои излегуваат на виделина.
„Видеото покажува дека новинарот Саболч Пањи, истиот оној кој неодамна ја прошири наводната измама со „бот“, го споделил телефонскиот број на министерот Сијарто со странска разузнавачка служба“, напиша тој.
Како што изјави, Пањи признава дека не може да открие за која земја станува збор и повикува на дискреција.
„Разговорот јасно покажува дека надворешната служба имала увид во мрежата на повиците на Сијарто, што укажува на сериозно нарушување на безбедноста што влијае на врвот на унгарската дипломатија“, истакна Ковач.
Според него, се појавуваат и политички врски.
Тој рече дека снимката, исто така, сугерира можен иден пристап до доверливи документи на Министерството преку тие врски.















