Народната банка: Предлозите за вицегувернери се доставени, изборот е во надлежност на Собранието

Макфакс

23/03/2026

14:58

180

Големина на фонт

а а а

Предлозите за вицегувернери се доставени до Собранието по завршувањето на јавниот повик и во согласност со законските процедури. Во оваа фаза, постапката за избор е во надлежност на Собранието, велат од Народната банка, во реакција на прес – конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Од таму ги отфрлаат тврдењата дека се кочи изборот на вицегувернери или дека функционирањето на Народната банка е доведено во прашање.

„Согласно член 55, став 3 од Законот за Народната банка, член на Советот на кој му истекол мандатот, до именување на нов член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон. Ова обезбедува непрекинатост во работењето и ги гарантира стабилноста и непреченото функционирање на институцијата, што е во согласност и со насоките на Меѓународниот монетарен фонд Ваквата ситуација не е новост и одредени пролонгирања се забележани и во претходните избори на членови на Советот на Народната банка, но институцијата секогаш функционирала непречено. Законот и досегашната практика јасно обезбедуваат непрекинатост и стабилност во работењето на Народната банка до избирањето на новите носители на функциите“, се наведува во реакцијата.