Авиоиндустријата во најтешка криза од пандемијата поради конфликтот на Блискиот Исток

Макфакс

22/03/2026

13:02

230

Големина на фонт

а а а

Авиоиндустријата се соочува со најтешката криза од пандемијата на ковид-19, откако конфликтот на Блискиот Исток доведе до приземјување на бројни летови, пад на пазарната вредност на авиокомпаниите за повеќе од 50 милијарди долари и ризик од недостиг на гориво, објави „Фајненшл тајмс“.

Со влегувањето на конфликтот во четвртата недела, челниците на авиокомпаниите предупредуваат на долгорочен раст на цените на нафтата, нарушувања во клучните аеродроми во Персискиот Залив и можен пад на глобалната побарувачка.

Поради поскапувањето на горивото, кое сочинува околу една третина од трошоците на авиокомпаниите, се очекува значително зголемување на цените на авионските билети во наредните месеци. Цената на авионското гориво е речиси двојно зголемена по нападите врз Иран минатиот месец и продолжува да расте.

Извршниот директор на „Изиџет“, Кентон Џарвис, оцени дека ова е најсилниот удар врз индустријата од 2020 година, нагласувајќи дека растот на цените на горивото ги принудува превозниците да ги зголемат цените на билетите.

Падот на довербата кај инвеститорите се одрази и на берзите, при што пазарната капитализација на 20-те најголеми авиокомпании е намалена за околу 53 милијарди долари од почетокот на конфликтот. Меѓу најпогодените се „Виз ер“ и „Изиџет“, чии акции се меѓу најчесто таргетираните за пад на Лондонската берза.

Извршниот директор на „Луфтханза“, Карстен Шпор, предупреди дека повисоките цени може да ја намалат побарувачката, но дека компаниите немаат друг избор освен да ги зголемат цените.

Најтешко погодени се авиопревозниците од Персискиот Залив – „Емирејтс“, „Етихад ервејс“ и „Катар ервејс“ – кои беа принудени значително да ги намалат летовите поради затворање на воздушниот простор и пад на туризмот.

Според директорот на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), Вили Волш, кризата претставува сериозен удар за регионот, но сепак е помала од онаа за време на пандемијата, споредувајќи ја со падот на трансатлантскиот сообраќај по нападите од 11 септември.

Проблемите се прелеваат и во карго-сообраќајот, каде што пренасочувањето на стоката од поморскиот транспорт кон авиосообраќајот создава дополнителен притисок врз аеродромите.

И покрај кризата, дел од индустријата очекува закрепнување по завршување на конфликтот, со можност за брз раст на вредноста на акциите на авиокомпаниите во случај на примирје.