Зеленски: Војната на САД и Израел со Иран го одвлекува вниманието од Украина

Макфакс

22/03/2026

11:30

182

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изрази загриженост дека војната на САД и Израел со Иран го одвлекува вниманието на Вашингтон од руската агресија врз Украина. Во интервју за Би-би-си, снимено оваа недела за време на посетата на Лондон, Зеленски рече дека има „многу лошо чувство“ за развојот на настаните на Блискиот исток и нивните последици за Украина.

„Имам многу лошо чувство во врска со влијанието на оваа војна врз состојбата во Украина. За жал, Америка сега е повеќе фокусирана на Блискиот исток отколку на Украина“, изјави Зеленски. Тој како директна последица го наведе одложувањето на дипломатските напори: „Поради тоа нашите дипломатски, трипартитни состаноци постојано се одложуваат. Причината е само една: војната во Иран.“

Зеленски нагласи дека, и покрај одложувањата, официјални лица од Киев и Вашингтон секојдневно комуницираат, како и претставници на Вашингтон и Москва. Тој додаде дека имало предлог за состанок на највисоко ниво, кој Русија го одбила.

„Американската страна, поради војната во Иран, рече дека е подготвена да ги прими двете страни во САД. Ние потврдивме учество, но Русите се против состанок во САД. Затоа засега се фокусираме на тоа Америка да предложи датум и место. Украина ќе поддржи било кој датум и било кое место, но сигурно не во Русија“, заклучи Зеленски.