[ВИДЕО] Објавена шокантна снимка од апсењето на Џастин Тимберлејк: „Мртов“ пијан, едвај стоел

Точка

21/03/2026

17:30

746

Големина на фонт

а а а

Снимката од апсењето на американскиот пејач Џастин Тимберлејк, кого полицијата во јуни 2024 година во местото Саг Харбор, во областа Хемптонс го запрела поради сомнение дека возел под дејство на алкохол, денеска е објавена.

Според наводите на полицијата, тој поминал на знак „стоп“ и излегол од својата лента.

На видеоснимката, како што наведува „Скај њуз“, се гледа како американскиот поп-пејач има тешкотии да ги изврши тестовите за трезвеност што му ги наложиле полициските службеници, вклучувајќи одење по права линија и стоење на една нога.

„Ова се навистина тешки тестови“, рекол Тимберлејк за време на тестирањето.

Полицијата претходно соопшти дека пејачот бил запрен откако поминал на знак „стоп“, излегол од својата лента и излегол од своето возило при што, како што се наведува, се чувствувал мирис на алкохол.

Тимберлејк им рекол на полицајците дека испил еден мартини коктел и дека ги следел пријателите до нивните домови во местото кое се наоѓа околу 160 километри источно од Њујорк.

На прашањето на полицаецот зошто се наоѓа во тоа место, одговорил дека е во тек неговата светска турнеја.


На дополнително прашање со што се занимава, Тимберлејк со застој рекол: „Тешко е да се објасни … светска турнеја. Јас сум Џастин Тимберлејк“.

На снимката се гледа како полицајците му наредуваат да оди по права линија и да крене една нога, додека тој во одредени моменти делува вознемирено и се извинува, наведувајќи дека срцето му чука забрзано.

„Ќе бидам овде цела ноќ? Вие сте луди, човеку“, рекол Тимберлејк откако му било соопштено дека ќе биде задржан преку ноќ.


Адвокатите на Тимберлејк претходно се обиделе по судски пат да го спречат објавувањето на снимката, наведувајќи дека тоа би ја „уништила“ неговата приватност со откривање „интимни, лични и чувствителни детали“, како и дека би ѝ нанело „тешка и непоправлива штета“ на неговата репутација преку „јавно исмевање и вознемирување“.

Меѓутоа, во петокот признале дека снимката „не претставува неоправдано навлегување во приватноста“ според законот за достапност на информации и се согласиле таа да може да биде објавена.


Тимберлејк во септември 2024 година признал вина за поблаг сообраќаен прекршок извршен во состојба на намалена способност.

Во рамки на спогодбата, се согласил да учествува во кампања за јавна безбедност за опасностите од возење под дејство на алкохол, а му била изречена парична казна од 500 долари, 25 часа општествено корисна работа и забрана за управување со возило во траење од 90 дена.