Законот за заштита од пушење Алиу очекува да биде донесен за месец и пол: Влезот во кафулињата не смее да биде преку пушачкиот дел

Макфакс

19/03/2026

14:41

481

Големина на фонт

а а а

Предлог-законот за заштита од пушење ќе се разгледува на владината седница во вторник, а веднаш потоа ќе биде доставен во Собранието. Министерот за здравство Азир Алиу очекува дека за најмногу месец и пол законот ќе биде усвоен, бидејќи не останала ниту една отворена точка.

„Денеска имам уште една институција која треба да се помине, тоа е владината процедура. Во вторник ќе биде на седница на Владата, а потоа ќе биде процесуиран понатаму во Собранието. Ценам дека не повеќе од месец, максимум месец и пол законот ќе биде процесуиран. Засега немаме ниту една отворена точка која не е завршена, значи консултирани се сите“, рече министерот Алиу.


Работната група во Министерството ги анализирала сите забелешки од научна гледна точка, но и од економски, инфраструктурен, како и од здравствен аспект. Научната фела и експертите, според министерот Алиу, дошле до заклучок дека летните тераси може да работат со две отворени страни, бидејќи има локали во кои е невозможно да се отвори и третата страна. Затоа во законот е дозволено и третата страна да биде покривот, бидејќи со негово отворање воздухот за неколку секунди може да се прочисти. Главен инфраструктурен проблем за примена на заострените правила против пушење, според министерот, се влезовите во угостителските објекти.

„Еден од најголемите инфраструктурни зафати што ќе треба да ги имаат сите бизниси кои се занимаваат со ваков тип услуги е тоа што ќе мора со закон да направат влез во самиот угостителски објект кој е одвоен од просторот каде што се пуши. Идејата на законот е да ги заштитиме сите граѓани кои не пушат, а да им одредиме место на граѓаните кои пушат каде може да се пуши. Со ова јас сум, и како министер и како институција, задоволен дека секој наш граѓанин кој не консумира цигари може да влезе во секој угостителски објект без да има пристап до просторот каде што се пуши“, рече министерот Алиу.


Тој се надева дека по три години бројот на пушачите во земјава, од сегашните над 45%, ќе се намали на под 20%. Според него, со тој успех ќе се гордееме исто како што денес се гордееме со исклучителните резултати постигнати од 2015 година досега во намалувањето на смртноста кај новороденчињата и децата под пет години.