Најголемиот холандски дневен весник „De Telegraaf“ се најде во центарот на невиден скандал откако објави приказна за херојска жена која самостојно организирала евакуациски летови од Блискиот Исток. Сепак, се покажа дека летовите не постојат, а оваа „хероина“ – всушност е производ на вештачка интелигенција (AI).
Приказната одекна во момент кога илјадници Холанѓани панично бараа начин да го напуштат Блискиот Исток поради војната меѓу Израел и Иран. Холандскиот весник на 5 март објави текст со наслов: „Холанѓаните на Блискиот Исток се чувствуваат напуштено од владата: Сами изнајмивме авион“.
Овој наслов го привлече вниманието и на холандскиот министер за надворешни работи, кој за време на телевизиско интервју мораше да ги објаснува напорите на владата за враќање на граѓаните во татковината.

„Изнајмивме Ербас за 1.600 евра“
Главна ѕвезда на текстот била извесна Тамара Харема, која наводно била заглавена во Дубаи. Таа за холандскиот весник раскажала дека владините летови биле откажани, па нејзината група ја презела иницијативата и изнајмила авион „Airbus A321“ за да се врати дома.
Цената на овој „спасувачки“ лет изнесувала дури 1.600 евра по лице. Тамара во интервјуто тврдела дека првиот авион веќе е полн и дека организираат втор лет, повикувајќи ги „заробените“ патници да ѝ се јават. Планот наводно бил патниците со автобуси да бидат пренесени од Дубаи, а авионот да полета од Мускат во Оман кон Холандија.
Сепак, истражувачкиот портал „Bellingcat“ брзо ја разоткри оваа неверојатна измама.

Шокантно откритие: Тамара не постои!
Сè започнало со анализа на фотографијата на Тамара Харема објавена во оригиналниот текст. Истражувачите не успеале да пронајдат никаква трага за личност со такво лице или профил, а деталната анализа на сликата открила очигледни траги на вештачка интелигенција.
На фотографијата во позадина се гледа највисоката зграда во светот, Бурџ Калифа, но експертите забележале сериозни нелогичности. Висината на катовите не се совпаѓала со реалноста, а недостасувала и познатата водена фонтана во подножјето.
За да се утврди дали фотографијата можела да биде направена претходно, анализирани биле снимки од „Google Street View“ од 2013 година наваму. Не било пронајдено никакво поклопување во распоредот на објектите околу Бурџ Калифа.
Дополнително, на самата Тамара биле забележани класични грешки карактеристични за AI: основата на ламбата во просторијата била искривена, буквата „V“ на маицата била заматена, а обетката на увото буквално се спојувала со лицето.

Фантомски летови и адвокат во бегство
Откако бил разоткриен визуелниот идентитет, на виделина излегол и логистичкиот дел од приказната. Според податоците од „Flightradar24“, ниту еден „Airbus A321“ не полетал од Мускат кон Холандија во деновите кога Тамара го најавувала тоа. Авионите што пристигнале во Амстердам биле исклучиво владини репатријациски летови или редовни линии на „Oman Air“.
Кога приказната почнала да се расплетува, заменик-главниот уредник на „De Telegraaf“, Јост де Хас, признал дека контактот со Тамара го добиле преку долгогодишен извор – Чизки Лунстејн.
Ситуацијата станува уште побизарна со фактот дека Лунстејн е адвокат кој се преселил во Дубаи откако неговата адвокатска канцеларија банкротирала, оставајќи зад себе клиенти кои биле жртви на измама. Лунстејн потврдил дека ги споделил контактите на Тамара преку една „апликација“, но одбил да даде дополнителни коментари кога истражувачите побарале потврда за нејзиниот идентитет.

По избувнувањето на скандалот, весникот ја отстрани лажната фотографија со образложение дека „веројатно не ги исполнува нивните новинарски стандарди“, но интервјуто остана објавено на сајтот.
Оваа неверојатна приказна служи како сериозно предупредување за тоа како во кризни ситуации, паниката кај граѓаните и современата технологија можат да бидат злоупотребени за создавање опасни илузии и потенцијални измами.
















