[ВИДЕО] Дрон удри во амбасадата на САД во Багдад

Макфакс

17/03/2026

21:16

275

Големина на фонт

а а а

Доцна вечерва во Багдад, главниот град на Ирак, се слушнаа неколку силни експлозии, а безбедносен службеник пријави напад со дрон и ракети врз амбасадата на САД, објави АФП.

Комплексoт на амбасадата беше цел на три дрона опремени со експлозиви, изјави новинар. Противвоздушните системи во комплексот пресретнаа два од дроновите во воздух, додека третиот го погоди надворешниот ѕид на амбасадата, додаде тој. Ударот предизвика пожар во близина на комплексот, објави новинар на „Анадолу“.

Сведок за АФП изјави дека видел експлозии на небото предизвикани од воздушната одбрана на амбасадата што ги пресретнала ракетите. Според него, гостите во ресторанот каде што бил тој прво не реагирале на звуците од експлозиите, објавува „Гардијан“.

Друг сведок го видел пожарот на територијата на амбасадата од својот балкон. Пожарот го потврди и безбедносен службеник, кој додаде дека бил предизвикан од беспилотно летало. Претходно денес, групата наречена Исламски отпор во Ирак објави дека извршила 21 ракетен и беспилотен напад врз американските бази во Ирак и регионот за еден ден.

Ова доаѓа во време кога САД и Израел продолжуваат со заедничката офанзива против Иран од 28 февруари, во која досега загинаа околу 1.300 луѓе, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи.

Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, како и кон Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив, за кои тврди дека ги таргетираат американските воени објекти, предизвикувајќи жртви и штети на инфраструктурата.