Нова анализа: Војната во Иран би можела до јуни да турне 45 милиони луѓе во тешка глад

Точка

17/03/2026

22:50

287

Големина на фонт

а а а

Десетици милиони луѓе ќе се соочат со глад доколку војната во Иран продолжи до јуни, покажува анализата на Светската програма за храна („WFP“) објавена во вторник.

Американско-израелските напади врз Иран, кои започнаа на 26 февруари, ги блокираа клучните рути за хуманитарна помош, одложувајќи ја испораката на пратки што спасуваат животи во некои од најтешките светски кризи.

Се предвидува дека дополнителни 45 милиони луѓе ќе бидат изложени на глад поради растот на трошоците за храна, нафта и транспорт, што глобално ќе го зголеми бројот на луѓе на кои им е потребна помош над сегашното рекордно ниво од дури 319 милиони, изјави во Женева пред новинарите заменик-извршниот директор на Светската програма за храна Карл Скау.


„Ова би го довело глобалното ниво на глад до рекорден степен и тоа е страшна, страшна перспектива. Уште пред оваа војна веќе бевме во совршена бура во која гладот никогаш досега не бил толку голем и изразен како денес, и по број на луѓе и по тежината на проблемот“, рече тој.

Тој додаде дека од почетокот на американско-израелските напади врз Иран на 28 февруари трошоците за транспорт пораснале за 18 проценти и дека дел од испораките морале да бидат пренасочени.

Дополнителните трошоци доаѓаат во време на големи кратења на буџетот на „WFP“, бидејќи донаторите сè повеќе се фокусираат на одбраната, објасни Скау.