Поскапуваат авионските карти — на кои релации се однесува и што треба да знаете пред патување?

Точка

17/03/2026

16:19

584

Големина на фонт

а а а

Цените на авионското гориво растат како што војната на Блискиот Исток го нарушува снабдувањето со нафта, со што во пресрет на летната сезона се создава голем притисок врз авиокомпаниите.

Експертите велат дека не е прашање дали ќе поскапат авионските карти, туку кога, за колку и колку долго ќе трае тоа. Најмногу ќе бидат погодени меѓународните рути на долги релации, на кои авионите трошат значително повеќе гориво.

Некои авиокомпании веќе најавија зголемување на цените или доплати за гориво во обид да ги надоместат растечките трошоци. Во САД, извршниот директор на компанијата „United Airlines“, Скот Кирби, неодамна предупреди дека поскапувањето на авионските карти „веројатно ќе започне наскоро“ бидејќи растечките трошоци за гориво влијаат врз превозот.

Војната во Иран го ограничува извозот на нафта и ги поттикнува големите производители како Кувајт, Саудиска Арабија и Ирак да го намалат производството бидејќи постојат сè поголеми пречки за извоз.

Да потсетиме, откако САД и Израел го нападнаа Иран, Техеран возврати со напади врз трговски бродови ширум Персискиот Залив и нафтената инфраструктура во арапските земји од Заливот. Нападите ефикасно го запреа сообраќајот низ Ормускиот теснец, тесен премин низ кој се транспортира значителен дел од светската нафта.


Нестабилните цени на сировата нафта, кои предизвикаа нагло зголемување на малопродажните цени на бензинот, имаа ист ефект и врз цената на авионското гориво. Просечната цена во САД достигна 3,99 долари по галон (3,8 литри) во петокот, во однос на 2,50 долари ден пред почетокот на војната пред две недели, според индексот за авионско гориво „Argus“.

Индексот ја следи просечната цена што авиокомпаниите ја плаќаат за авионско гориво на главните американски аеродроми. Податоците на Бирото за статистика на транспортот при Министерството за сообраќај на САД покажуваат дека американските авиокомпании плаќале околу 2,36 долари по галон гориво во јануари.

Некои авиокомпании се делумно заштитени од ненадејни скокови на цените преку „хеџинг“, стратегија која им овозможува да ги фиксираат цените на горивото со месеци или дури години однапред. Но, не се осигуруваат сите авиокомпании на тој начин, а оние што го прават тоа обично се заштитени само за дел од своите потреби, што значи дека долготрајните скокови на цените може да доведат до тоа повеќе превозници да ги зголемат цените.

Затворањето на воздушниот простор на Блискиот Исток бараше пренасочување на летовите, што може и во иднина да значи подолги рути, дополнителна потрошувачка на гориво и поголеми оперативни трошоци.

Патниците можат да го почувствуваат влијанието на сите овие фактори на неколку начини. Авиокомпаниите можат да додадат или зголемат доплати за гориво, дополнителна надомест што е вообичаена кај превозниците надвор од САД и се додава покрај основната цена на картата.

Сепак, големите американски превозници не наплатуваат посебна доплата за гориво.


Наместо тоа, тие ги вклучуваат трошоците за гориво во вкупната цена на картата, што значи дека секое зголемување најверојатно ќе биде прикажано како повисока основна цена за патниците, според зборовите на Тајлер Хосфорд, директор за безбедност во глобалната фирма за управување со ризици „International SOS“.

Авиокомпаниите исто така можат да го приспособат она што го наплаќаат за премиум додатоци — подобри седишта, седишта со дополнителен простор за нозете, чекиран багаж или приоритетно качување — како уште еден начин да ги надоместат поголемите оперативни трошоци. За потрошувачите тоа значи дека дури и ако основната цена не порасне веднаш, вкупните трошоци за патување сепак би можеле да се зголемат кога ќе се пресметаат овие дополнителни надоместоци.

Ако повисоките цени на горивото потраат, авиокомпаниите исто така можат да ги приспособат распоредите или да намалат одредени рути, изјави Кристофер Андерсон, професор на бизнис школата на Универзитетот Корнел. Тешко е точно да се предвиди колку би можеле да пораснат цените на билетите.

Горивото обично сочинува 20% до 25% од оперативните трошоци на авиокомпанијата, што го прави втор најголем трошок по работната сила, објасни Роб Бритон, вонреден професор по маркетинг на Универзитетот Џорџтаун и пензиониран раководител на компанијата „American Airlines“.

Наглиот пораст на цените на горивото затоа може да има големо влијание врз буџетите на авиокомпаниите. Хонгконшкиот превозник „Cathay Pacific“ соопшти дека ќе ја зголеми својата доплата за гориво почнувајќи од среда.


Авиокомпании кои најавија зголемување на цените или нови доплати

- „Air France-KLM“ соопшти дека повратните економски билети на летови на долги релации би можеле да пораснат за околу 50 евра.

- „Air India“ во четврток воведе доплата за гориво на одредени рути. Од 18 март доплатата ќе се зголеми до 50 долари за сите билети за Европа, Северна Америка и Австралија.

- „Hong Kong Airlines“ ги зголеми доплатите за гориво на неколку рути од четвртокот.

- „FlySafair“ во Јужна Африка најави привремена доплата за гориво.

Совети за патниците

Експертите велат дека патниците кои планираат летни патувања можат да резервираат карти порано, наместо да чекаат понуди во последен момент и така барем малку да заштедат. Побрзото обезбедување на цените на билетите, особено со флексибилни опции за резервација кои овозможуваат промени, може да помогне во обезбедување пониски цени пред авиокомпаниите дополнително да ги прилагодат.

Хосфорд, директор за безбедност во „International SOS“, им предлага на патниците да останат флексибилни со датумите на патување, да ги проверуваат цените на блиските аеродроми и да ги следат цените. Тој укажува дека не треба да се чека „совршена понуда“, туку што е можно побрзо да се избере најповолната.