СДСМ соопшти дека целосно го поддржува протестот на работниците кои бараат повисоки плати и подобри услови за живот, оценувајќи дека нивната борба е борба за достоинство и праведна заработувачка.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Симона Цветановски, изјави дека работниците со право излегуваат на улица барајќи достоинствени плати и подобар живот, нагласувајќи дека зад секоја плата стои труд, посветеност и надеж за подобра иднина.
Таа го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека ги изневерил и понижил работниците, наведувајќи дека ги нарекува „хистерични“ затоа што бараат минимална плата од 600 евра.
„Додека работниците бараат достоинствена плата, Мицкоски носи часовници вредни колку 150 минимални плати. Уште вели дека можеле работниците и без одмор, па следно можеби ќе каже дека можат и без да јадат“, рече Цветановски.
Таа истакна дека СДСМ и претходно работела на зголемување на платите, потсетувајќи дека минималната плата во периодот кога партијата била на власт пораснала од 8.000 на над 20.000 денари, а просечната од 22.000 на над 42.000 денари.
Според неа, партијата и сега поднела законско решение со кое се предлага минимална плата од 600 евра, но Владата го одбила предлогот.
Цветановски нагласи дека протестот на синдикатите не е политика, туку борба за достоинство, праведна плата и подобар живот за секое семејство.
„Ние нема да го злоупотребуваме вашиот протест ниту ќе го политизираме. Сите членови на СДСМ кои се и членови на синдикатите ги повикуваме да се приклучат. Ова е ваша борба, а гласот на работниците мора да се слушне“, порача таа.








