„Ројтерс“ за кинеските ракети што ги набави Србија: Можат да носат боева глава од 200 килограми и имаат дострел до 400 километри

Макфакс

13/03/2026

15:55

149

Големина на фонт

а а а

Србија неодамна купила кинески балистички ракети воздух-земја CM-400AKG за своето воздухопловство, со што станала првата европска земја што го користи тоа оружје, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, пренесе Ројтерс.

„Имаме значителен број од тие ракети и ќе имаме уште повеќе“, изјави Вучиќ во директен пренос на државната телевизија РТС, неколку дена откако на интернет се појавија фотографии од ракетите поставени на српски авион, пренесе „Н1.рс“.

Тој додаде дека српското воено воздухопловство ги прилагодило ловците МиГ-29 од советско производство за носење ракети CM-400AKG.

Според Ројтерс, Србија се обидува да балансира меѓу партнерството со НАТО и стремежот кон членство во Европската Унија, од една страна, и своите традиционални политички и стратешки врски со Русија и Кина, од друга страна.

Набавката на ракетите беше критикувана од Хрватска, членка на Европската Унија и НАТО, која оцени дека тоа претставува закана за регионалната стабилност и знак за растечка трка во вооружување на Балканот.

Ракетата CM-400AKG, произведена од кинеската компанија „China Aerospace Science and Industry Corporation“ (CASIC), е надзвучна балистичка ракета воздух-земја со дострел до 400 километри. Таа може да носи експлозивна бојева глава од 150 килограми или пенетрациона бојева глава од 200 килограми.

Ројтерс наведува дека ракетата првпат била борбено употребена за време на конфликтот меѓу Индија и Пакистан во 2025 година, кога пакистанското воздухопловство ја употребило против индискиот систем за противвоздушна одбрана С-400.

Вучиќ не сакал да ја открие цената што Србија ја платила за ракетите, наведувајќи само дека земјата добила „мал попуст“.

Според Ројтерс, Србија оваа година издвојува околу 2,6 отсто од бруто домашниот производ за воени трошоци. Во последно време земјата набавила и кинески систем за противвоздушна одбрана FK-3, борбени дронови CH-92A, како и 12 нови борбени авиони „Рафал“ од француската компанија „Dassault“, заедно со хеликоптери и транспортни авиони од компанијата „Airbus“.