Мицкоски: Очекувам во текот на денот горивата да се намалат за 2,5 денари по литар

Макфакс

13/03/2026

13:44

511

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски најави намалување на цените на нафтените деривати за околу 2,5 денари по литар.

Како што изјави Мицкоски, во изминатите денови Владата заедно со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини работела на можноста за намалување на цените на горивата.

„Работевме заедно со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини изминативе денови со најголемиот, би рекол снабдувач, тоа е „ОКТА“. И добра вест за македонските граѓани е што „ОКТА“ на компаниите коишто соработуваат со нејзе, од денеска ќе даде попуст, отприлика 45 до 50 долари по тон. Тоа би значело намалување некаде околу 2,5 денари по литар“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека разговарал и со сопствениците на бензинските пумпи, кои, како што рече, најавиле дека попустот ќе го пренесат на крајните корисници.


„Бидејќи регулаторна ја одредува највисоката цена, очекувам откако ова ќе биде објавено, да веќе во текот на денот, за отприлика 2,5 денари по литар бидат намалени нафтата и нафтените деривати“, рече премиерот.

Според него, со ова намалување цената на дизелот во земјава би изнесувала околу 1 евро и 35 евроценти по литар, што е значително пониско во споредба со дел од земјите во регионот и Европа.

„Тоа што го кажавме, тоа и го правиме. Дека македонските граѓани ќе користат најевтини нафта и нафтени деривати и покрај тоа што сме на неколку стотици километри од воени дејства, жестоки воени дејства. Но, со добра организација, со еден конструктивен дијалог успеваме тие, би рекол предизвици, да ги надминуваме“, изјави Мицкоски.