Мицкоски: Зголемен е процентот на странските инвеститори кои се задоволни од бизнис климата во државата

Макфакс

11/03/2026

15:12

129

Големина на фонт

а а а

Зголемен е процентот на странските инвеститори кои се задоволни од бизнис климата во државата и подготвени се да ја прошират својата инвестиција, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.

Тој кажа дека странските инвеститори се исклучително важни исто како и домашните инвеститори бидејќи економијата е една од главните приоритети на функционирањето Владата.

„Чувствуваме дека полека, но сигурно се движиме кон консолидирање и тоа во услови на исклучително големи глобални предизвици, ценам дека македонската економија се движи кон состојба на консолидирање, се разбира предизвиците нема да сопрат, тие ќе продолжат но ние се обидуваме да ги антиципираме и преку антиципирање да наоѓаме решенија за тие предизвици. Колку е државата посилна, толку и бизнисот повеќе вреди, толку и имотот повеќе вреди, колку е бизнисот посилен толку станува државата посилна затоа е многу важно да имаме ликвиден бизнис, економија, таа економија да си ги врши навремено обврските кон државата и кон буџетот, а се разбира со тие обврски и со солиден и ликвиден буџет ние ќе можеме да имаме повеќе капитални инвестиции, да имаме повеќе во здравството, да имаме повеќе во образованието, да имаме повеќе во земјоделието, повисоки пензии, повисоки плати…“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека е задоволен од фактот што е двоцифрен растот на процент на оние компании коишто се задоволни од бизнис климата и дека се подготвени да ја прошират својата инвестиција во земјата.

„Се разбира дека ќе имаме предизвици, но ние како Влада тука сме, мотивирани сме и сакаме да ги решаваме тие предизвици како што тоа го правиме многу пати во минатото така и во иднина ќе се бориме за секоја инвестиција, за секое евро вложено во земјата затоа што цениме дека со секое евро вложено во земјата, со секој денар вложен во земјата ние ќе имаме побогата и постабилна земја, а тоа значи дека имотот на нашите граѓани и бизнисите на бизнисмените повеќе ќе вредат“, рече Мицкоски.