Специјалниот пратеник на американскиот претседател Стив Виткоф изјави дека од Русија побарал да не споделува разузнавачки информации со Техеран.
Во разговор со новинарите во претседателскиот авион, Виткоф потврди дека Москва јасно го добила тоa барање. На прашањето дали верува дека Русија и покрај тоа му помага на Иран, одговори: „Се надевам дека не“.
„Не сум разузнавач па не можам да ви кажам. Можам да ви кажам дека вчера, во разговор со претседателот Трамп, Русите рекоа дека не споделувале информации. Тоа го кажаа. Можеме да им веруваме на збор. Да се надеваме дека не споделуваат“, рече Виткоф.
Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД не знаат дали Русија споделува такви податоци со Иран, откако повеќе американски медиуми објавија дека Москва му помагала на Техеран.
САД и Израел на 28 февруари почнаа обемна воена операција против Иран, при што беа нападнати големи ирански градови, вклучително и Техеран. Белата куќа нападите ги оправда со наводни ракетни и нуклеарни закани од Иран, а воедно отворено го повика иранското население да се побуни против својата влада и да ја преземе власта.
Во нападите беа убиени иранскиот врховен лидер, ајатолах Али Хамнеи, како и неколку други високи функционери на Исламската Република.
Иран потоа започна одмаздничка операција насочена кон цели во Израел. Погодени беа и американски воени бази во Бахреин, Јордан, Катар, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.








