[ВИДЕО/ФОТО] Познатиот бренд лансираше чевли со мачкини глави и за шок нѝ е потребен нов збор: „Ова е толку погрешно во секој поглед“

Точка

09/03/2026

18:42

603

Големина на фонт

а а а

Ревиите на куќата „Schiaparelli“ често повеќе наликуваат на изложби на музејски артефакти отколку на модни настани. Од денот на основање, далечната 1927 година, престижниот бренд нуди невообичаени, често шокантни парчиња облека инспирирани од надреализмот, па ексцентричниот дрес-код го почитуваа и „сфинга“ чевлите, кои прошетаа по актуелната Модна недела во Париз како дел од колекцијата за наредната есен и зима. Но, овојпат реакциите се поделени...

Откако во 2019 година ја презеде креативната палка, Даниел Роузбери го изгради „Schiaparelli“ како брод што плови помеѓу уметноста, модата, формата и фантазијата, почитувајќи ги визуелните кодови и провокативниот дух на основачката на брендот. Со сите тие елементи зрачи и колекцијата за есен/зима 2026, токму претставена на Модната недела во Париз, а освен одличните парчиња облека, публиката и здивот ѝ го одзедоа и – чевлите. Некои во позитивна, други во негативна смисла.


Пред неколку месеци, во ризницата на „Schiaparelli“ пристигнаа „Bird Pumps“: чевли, сандали и папучи со фигури на птици, а овој пат на врвовите на некои се најдоа уште побизарни детали – мачкини глави. Отворени вилици, очи, крзно, сè е тука. Толку реалистично, што многумина помислија дека станува збор за препарирани делови од вистински животни.


Откако си дојдоа при себе по првичниот шок, многумина на социјалните мрежи изразија негодување, особено љубителите на мачки. „Ова е толку погрешно во секој поглед“, „Колку мачки страдаа?“, „Фуј!“, „Зошто, Боже?“, „Застрашувачки“, „Начинот на кој тие 'отсечени' глави удираат на подот при секој чекор и врескавите усти – го обожавам „Schiaparelli“, но ова е навистина сурово“...

Иако имаше и поинакви реакции, негативните коментари што ги следат необичните „мачкини чевли“ е невозможно да се избројат, а општата констатација на оние на кои не им се допаднаа би била, благо речено, дека познатата куќа овој пат претерала.

Се разбира, не смее да се заборави авангардниот пристап на кој „Schiaparelli“ се потпира од првиот ден, автентичниот couture дизајн и надреалистичката естетика што веќе сто години немилосрдно ги поместува границите, но и често шокантните детали кои го дефинираат визуелниот идентитет и намерно ја оставаат модната сцена во шок. И не само модната.