Во австралиска шума откриен еден од најинванзивните животински видови

Точка

09/03/2026

09:59

516

Големина на фонт

а а а

Во една од најпознатите австралиски дождовни шуми, која е на листата на светско наследство, пронајдено е гнездо на огнени мравки. Откритието предизвика загриженост поради потенцијалната закана што еден од најинванзивните видови во светот ја претставува за тоа подрачје.

Гнездо од огнени мравки, кои се сметаат за еден од најинвазивните видови, е откриено на шумска чистина во Националниот парк Ламингтон на подрачјето на градот Голд Коуст во сојузната австралиска држава Квинсленд пренесе „The Independent“.

Гнездото е уништено кратко време по откривањето, соопшти Австралискиот совет за инвазивни видови. „Огнените мравки се една од најлошите инвазивни закани за нашиот див свет и ако не ги искорениме во југоисточен Квинсленд, тие ќе се прошират низ поголемиот дел од државата“, рече директорот на советот Рис Пјанта.


Националниот парк Ламингтон е познат по својата единствена разновидност и еколошка историја што датира од праисторискиот континент Гондвана. „Да се најде гнездо во една од најстарите и најубавите дождовни шуми во светот е загрижувачки“, рече Пјанта. „Места како ова треба да бидат надвор од дофатот на инвазивните видови“, истакна тој.

Приспособливост на инвазивните видови

Бидејќи огнените мравки вообичаено не се наоѓаат во дождовните шуми, најновото откритие ја истакнува приспособливоста на инвазивните видови.

Ако мравките се прошират низ целата земја, истражувачите проценуваат дека тие би можеле да предизвикаат економска штета од 2 милијарди долари (околу 1,7 милијарди евра) годишно. Тие исто така би можеле да му наштетат на дивиот свет, да го намалат земјоделското производство до 40 проценти и да предизвикаат повеќе од 100.000 дополнителни здравствени посети годишно.

Огнените мравки потекнуваат од Јужна Америка, а за прв пат биле забележани во Австралија во 2001 година, кога наводно биле донесени таму со товар од САД.


Мравките можат да преживеат во сурови услови и можат да се шират на долги растојанија.

Студија од 2021 година процени дека ќе бидат потребни до 300 милиони долари годишно (околу 259 милиони евра) за контрола на инвазијата на огнените мравки во Австралија во следните десет години. Во спротивно, земјата би можела да се соочи со најмалку 2 милијарди долари годишни трошоци предизвикани од мравките на долг рок.

Пјанта, исто така, изрази благодарност за брзиот одговор на властите на откривањето на мравките во Ламингтон. Тој додаде дека бирократските одложувања во финансирањето на следната фаза од отстранувањето на огнените мравки не смеат да ја загрозат можноста за брзо дејствување, во спротивно и други важни области би можеле да бидат засегнати во иднина.