Ако ви се чини дека на „YouTube“ во последно време има сè повеќе реклами, не сте единствените што го забележуваат тоа. Популарната видео-платформа повторно тестира нови формати на огласи кои би можеле дополнително да го променат начинот на кој ги гледаме омилените видеа.
Сè поголем број корисници ширум светот се жалат дека гледањето видеа на „YouTube“ станува сè потешко поради рекламите што се појавуваат во најнеочекувани моменти.
Платформата во сопственост на „Google“ во последните години интензивно експериментира со нови начини на прикажување огласи, а некои од тие тестирања веќе предизвикаа бурни реакции кај гледачите, кои тврдат дека рекламите стануваат премногу агресивни.

Се појави необичен баг
Еден од најновите проблеми што го привлече вниманието на корисниците е необичен баг во мобилната апликација на „YouTube“, поради кој се појавуваат реклами што не можат да се затворат.
Рекламите се прикажуваат во аголот на екранот за време на гледањето видео и остануваат видливи дури и кога корисникот ќе се обиде да го притисне копчето за затворање. Во некои случаи исчезнуваат дури по триесетина секунди, додека понекогаш остануваат на екранот сè додека видеото не се затвори или апликацијата повторно не се стартува. Интересно е што овој проблем главно ги погодува корисниците на бесплатната верзија на платформата, додека претплатниците на „YouTube Premium“ наводно не се соочуваат со истиот проблем.

Сè повеќе реклами за гледачите
„YouTube“ во голема мера се финансира токму преку реклами, а тие приходи се делат со креаторите на содржини. Сепак, платформата постојано бара нови начини да ја зголеми заработката од огласување, што често значи и сè поголем број реклами за гледачите. Во некои претходни тестови компанијата дури експериментираше со низи од повеќе последователни реклами што не можат да се прескокнат, со цел да процени колку реклами корисниците можат да издржат пред да се откажат од гледање.
Покрај тоа, „YouTube“ веќе неколку години развива и нови формати на огласи што се појавуваат во моменти кога корисниците најмалку ги очекуваат. Еден од таквите експерименти се таканаречените „pause реклами“, кои се прикажуваат кога корисникот ќе го паузира видеото. Наместо празен екран, тогаш од страна се појавува банер со реклама што останува видлив додека репродукцијата не продолжи. Овој формат најпрво се тестираше кај одредени огласувачи, а подоцна беше проширен бидејќи, според компанијата, покажал добри резултати кај брендовите.

Се вмеша и политиката
Многу корисници сметаат дека ваквите експерименти дополнително го оптоваруваат искуството на гледање и го претвораат „YouTube“ во нешто што сè повеќе потсетува на класична телевизија, со чести прекини и рекламни блокови.
Истовремено, расправата за огласите на „YouTube“ добива и политичка димензија, бидејќи во некои држави властите се обидуваат да ограничат колку долго можат да траат рекламите. Така, на почетокот на 2026 година во Виетнам беше воведено правило според кое непрескокливите реклами на платформи како „YouTube“ не смеат да траат подолго од пет секунди, токму поради поплаките на корисниците дека огласите станале предолги и напорни.

Што предвидуваат аналитичарите
Сето ова покажува колку рамнотежата меѓу огласите и корисничкото искуство станала чувствителна тема. Од една страна, рекламите овозможуваат платформата да остане бесплатна и креаторите да заработуваат од своите видеа. Од друга страна, ако рекламите станат премногу бројни, постои ризик публиката да почне да бара алтернативни платформи или начини да ги блокира.
Поради тоа, многу аналитичари веруваат дека „YouTube“ ќе продолжи да експериментира со нови формати на реклами, обидувајќи се да најде модел што носи заработка, но не ги тера гледачите да се откажат од гледањето. До тогаш, се чини дека корисниците ќе мора да имаат сè повеќе трпение додека чекаат рекламите да завршат — или да размислат за платената верзија на платформата без огласи.















