Здравствените експерти предупредуваат на „парацетамол предизвик“, тренд на социјалните мрежи кој може да го загрози здравјето на луѓето. Но што точно е тоа и дали навистина постои?
Ширум Европа здравствените власти кренаа тревога поради извештаи дека адолесценти наводно се натпреваруваат на интернет кој може да внесе најголема количина парацетамол, пренесе „Euronews“.
Референци за овој предизвик датираат уште од 2015 година. Сепак, пребарувањето на терминот „paracetamol challenge“ (парацетамол предизвик) на ТикТок покажува малку докази дека луѓето навистина учествуваат во овој тренд. Поголемиот дел од содржината на оваа тема доаѓа од здравствени експерти или новинарски профили кои предупредуваат на опасноста.
Сепак, во Белгија болничкиот центар „EpiCURA“ потврди за „Euronews Health“ дека во февруари лекувал три пациенти поради предозирање со парацетамол, откако учествувале во овој предизвик на социјалните мрежи.

Белгиската Федерална агенција за лекови и здравствени производи издаде предупредување на 6-ти февруари за ризикот од предозирање. Агенцијата наведе дека земањето парацетамол, дури и во високи дози, нема психоактивен ефект.
И други земји пријавија тренд на случаи на предозирање.
„Разговарајте со вашите деца, насочувајте ги во користењето на технологијата и бидете внимателни на предупредувачки знаци како што се повраќање, болка во стомакот или прекумерна поспаност“, изјави Силвија Олива, педијатриска медицинска сестра во Регионалната универзитетска болница во Малага, Шпанија, во објава на болницата на социјалните мрежи.
Пиа Вуорела, директорка на Финската агенција за лекови, ја истакна важноста младите да ги разберат ризиците поврзани со лековите и ги повика возрасните да разговараат со децата за овие опасности, во официјална комуникација на агенцијата.

Во Португалија, Редот на фармацевти предупреди дека овие практики претставуваат „сериозен ризик за здравјето“ и нагласи дека токсичноста на парацетамолот може да се појави уште пред да се појават клиничките симптоми.
„Предозирањето може да предизвика сериозно и непоправливо оштетување на црниот дроб, кое може да напредува до акутно откажување на црниот дроб, потреба од трансплантација на црн дроб и во екстремни случаи, смрт. Во поретки случаи може да дојде и до оштетување на бубрезите, особено во врска со долготрајна употреба и/или прекумерен внес“, се наведува во соопштението.
Препорачана дневна доза на парацетамол
Возрасните не треба да ја надминуваат дневната доза од 4 грама, а можат да земаат меѓу 500 мг и 1 г на секои 4 – 6 часа. Препорачаната дневна доза за деца се пресметува според телесната тежина, но како општо правило се препорачуваат 60 милиграми по килограм. Родителите можат да користат проверени онлајн калкулатори за попрецизно да ја одредат соодветната доза за своите деца.

Првите симптоми на труење вклучуваат мачнотија, повраќање, потење и малаксаност. Овие симптоми обично се појавуваат во првите 24 часа. Може да се појави и болка во стомакот, како и други сериозни компликации како што напредува оштетувањето на црниот дроб. Во случај на сомнеж за предозирање, клучно е веднаш да се побара медицинска помош.
Парацетамолот е еден од најчесто користените лекови за ублажување на болка и намалување на температурата, благодарение на своето аналгетско и антипиретско дејство. Овој лек е лесно достапен за сите и кога се користи во согласност со препораките на здравствените власти, вообичаено е безбеден.










