Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, пред повеќе од 200 гости беше промовирано македонското издание на книгата „60 икони на Мајката Божја“ од француската авторка Аријан де Сен-Марк - дело што претставува внимателно селектирана и богато анализирана збирка иконографски претстави на Богородица од VII до XV век. Книгата ги опфаќа најзначајните иконографски типови на Богородица, нивниот теолошки, историски и уметнички контекст, како и нивната улога во византиската и западната традиција.
Авторката Аријан де Сен-Марк истакна дека нејзиниот интерес за византиската уметност започнал спонтано, но прераснал во долгогодишно истражување.
- Јас сум пред сè уметник, не писателка. Мојот интерес за христијанството и византиската уметност се појави случајно, но со текот на времето прерасна во големо истражување. Патував од Финска до Етиопија, а речиси две децении ги истражувавме црквите, манастирите и музеите во Македонија и регионот - рече таа.

Според неа, целта на книгата е да се поврзат источната и западната традиција во претставувањето на Богородица и да се укаже на богатството на православното културно наследство кое, како што нагласи, сè уште не е доволно познато на Западот.
- Вашите цркви и манастири се вистинско богатство - кога ќе ги посетите, потребно е време за да се восхитите на фреските и мозаиците и да се обидете да ги разберете - додаде де Сен-Марк.
Промоторката на книгата, проф. д-р Елизабета Димитрова, истакна дека од 60-те претстави на Богородица опфатени во изданието, дури десет се од македонски цркви. Таа посебно се осврна на фреската избрана за корицата на книгата - „Успение на св. Богородица“ од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Полошко.

- Фреската од Полошко не е случајно избрана. Таа е една од најрепрезентативните меѓу сите 60 примери бидејќи прикажува исклучително емотивен момент во кој Христос ја напушта својата божествена аура за да ја бакне својата мајка, која спокојно почива - истакна Димитрова. Таа додаде дека книгата не е класично структурирана научна студија, туку следи сопствени истражувачки принципи и хронолошка линија на развојот на иконографијата низ средниот век.
Објавувањето на македонското издание е овозможено со поддршка на Анета Антова - Пешева, која истакна дека идејата за книгата започнала пред повеќе години кога се запознала со авторката и ја поттикнала да ги истражува македонските фрески.
- Оваа книга ни ги отвори очите за богатството што го поседуваме. Нашата порака е тоа културно наследство да го покажеме пред светот - нагласи Антова - Пешева.
















