Богатата елита навикната на бескрајниот луксуз на Дубаи не сметала дека високотехнолошките бункери некогаш ќе им затребаат, сè додека иранските проектили не почнаа да паѓаат врз градот. Одеднаш милионските „соби за паника“ и утврдените подруми се претвораат во вистински воени засолништа.
Екстремното богатство на Дубаи се огледува и во фактот дека многу раскошни недвижности, кои се дом на милијардерски претприемачи, инфлуенсери и експати, веќе како стандарден дел од опремата имаат вградени футуристички „безбедни куќи“, таканаречени соби за паника и утврдени подруми – чија цена често се искачува до милионски износи. Фотографиите од истите можете да ги погледнете ОВДЕ.
Многу е веројатно дека пред овој викенд многу од овие неочекувани воени бункери никогаш не биле ниту користени, со оглед на исклучително ниската стапка на насилен криминал во Емиратите, каде и помалите кражби носат строги казни. Освен тоа, криењето од дожд од ирански проектили веројатно никогаш не им паднало напамет на супербогатите кога ги вградувале во своите згради со пет ѕвезди.

Сè додека овој викенд првите воени удари не го погодија градот, поради што бројни туристи спасуваа жива глава, Дубаи во неодамнешните блискоисточни судири беше главно недопирлив. Сето тоа се промени во саботата, кога аеродромот во Дубаи, како и луксузните објекти „Fairmont The Palm“ и „Burj al Arab“, беа драматично погодени без никакво предупредување.
Безбедни соби достапни со стискање на копче
Мерките на претпазливост во резиденциите, кои првенствено биле преземени поради страв од киднапирања или вооружени напади, сега одеднаш ја добиле својата вистинска, неочекувана намена – особено затоа што нападите врз ОАЕ би можеле да продолжат и во наредните денови.

Забил, палатата во која живеат владетелите на Дубаи, семејството Ал Мактум, се смета за едно од најутврдените места во целите Емирати. Раскошното здание наводно има неколку естетски пријатни, високо технолошки опремени безбедни соби кои се достапни со стискање на копче, со одвоен извор на напојување што би можел да го држи дворецот во целосен „локдаун“ со недели. Слично ниво на безбедност имаат и повеќето најистакнати приватни резиденции во Дубаи.
Тајни соби отпорни на експлозии
Една од најскапите недвижности во градот, „Marble Palace“, сместена во исклучително богатата област „Emirates Hills“, која минатата година била продадена за 86 милиони фунти, наводно исто така има неколку „соби за паника“ отпорни на бомби, како и сопствена приватна трафостаница. Компанијата „Argus Security“, чие седиште се наоѓа во еден од трговските центри во Дубаи, за луксузни домови создава по мерка изработени „тајни“ соби отпорни на експлозија. Намерата била да обезбедат засолниште од насилни напади од непосредна близина, но сега очигледно нудат прибежиште и од блиските удари на проектили и дронови.

За оние, пак, без специјално утврдени соби, теретаните, кои често се наоѓаат на пониските катови на луксузните недвижности, сега служат како засолништа за богатите. Ѕвездата на „Netflix“ серијата „Dubai Bling“, кувајтско-американскиот претприемач Ебрахим Ал Самади, чие богатство се проценува на околу 38 милиони фунти, оваа недела со своите 1,2 милиони следбеници сподели видеозапис од, како што изгледа, подземната теретана на својата недвижност. Ал Самади е виден во спортска опрема и со слушалки во пространа просторија. На прашањето на следбениците: „Дали сте безбедни во ОАЕ?“, кратко одговорил: „Ние сме сосема добро“.

Се огласи и поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Рио Фердинанд, кој откри дека тој, неговата сопруга Кејт и нивните најмлади деца се повлекле во подрумот по низа „застрашувачки“ напади со проектили околу нивниот дом. Рио (47) и Кејт (34) започнале нов живот во ОАЕ во август минатата година. И двајцата подоцна споделија фотографија од семејството како вежба во подрумската теретана, откако поради „локдаун“ ги оставиле децата дома и не ги испратиле на училиште.















