Тинејџерските денови и младоста се периоди од животот на кои секогаш ќе се сеќаваме со доза носталгија и насмевки.
Тој пркос, таа смелост, бунтовност и желба да го промениме светот е нешто што го даваат само тие години. Подоцна, влегуваме во светот на возрасните и магијата исчезнува. Стануваме свесни колку сериозно сме сфаќале „смешни и невини“ нешта, и колку всушност сме биле безгрижни.
За своето детство, неговиот живот во Аеродром, Австралија и односот со неговите родители раскажа во интервју во емисијата „Животна приказна“ на Здравкица Милиќ.
Во продолжение, ви пренесуваме дел од разговорот.
„Роден сум во Карпош 1, каде што сега во моментов живеам, во кулата наспроти полициската станица, на десетти кат, со преубави комшии. И на моја 7-8 годишна возраст се преселивме во Аеродром. Меѓутоа, мојата баба, на мајка ми мајка, живееше во Градски ѕид, одма наспроти Собрание. Затоа во ‘Браќа Рибар’ го завршив јас основното училиште. Во еден дел од мојот живот отидовме во Австралија, на идеја на мајка ми, моја храбра, најјака. Таму бевме една и пол година некаде, четврто одделение таму го завршив. Мајка ми е авантуристички дух. Во целото семејство ја викаат Пиноче. Таква е, со камшик, јака жена, многу јака жена. Дури и татко ми почина пред десетина години, таа јако се држи и семејството си го држи, супер е сè со неа. Таа го седнала татко ми и му рекла: ‘Јас сакам да земам една година слободно од работа, ќе земеш и ти, ќе најдеш начин како, јас и ти ќе одиме една година некаде’. И татко ми: ‘Леле, две деца имаме!’. ‘Дарко ќе го земеме со нас, Триада ќе ја оставиме тука’. Сестра ми беше постара од мене, нормално да не загуби една година од училиште. И јас четврто одделение таму учев и се вративме назад“, раскажа Брејк во емисијата „Животна приказна“ и рече дека во Австралија отишле за да уживаат.
„Татко ми има роднини во Франција и предложил: ‘Ќе одиме кај брат ми во Париз’. ‘Не, во Париз сум била многу пати, сакам некаде каде што не сум била’. И така заминавме во Австралија. Мајка ми е авантуристички дух. Ние не застанавме таму, покрај школото беше само шетање, да видиме сè што можеме да видиме заедно. Јас, таа и татко ми, бевме туристички на една година дена. Тоа е мајка ми Лиле“, рече Дарко Гелев-Брејк. Потоа се наврати на приказната кога ги заработил првите пари, а татко му се посомневал во него.
„Се сеќавам еднаш, во тинејџерските денови, некаде пред да отидам во Америка, направив една интересна бизнис зделка со еден мој пријател и направив многу пари. Бев мал, 16-17 години. За толку пари бев сериозно мал. И ги ставив во фиока кај мене во соба. Да не кажувам колку, вистина беа многу, цела фиока со пари беше. Имав едни другари постари од мене кои носеа дигитална опрема од Хонг Конг тогаш. Имав еден друг пријател чиј татко беше на една позиција каде што им требаа такви, ги споив, ги купија и ми ги платија и наеднаш имав многу пари. И се сеќавам тоа утро, татко ми, Бог да го прости, ме разбуди. Беше многу голем човек, два метри висок беше, крупен. Ме крена од соба и само ме пушти во дневна. ‘Од кај ти се париве?’ Ми вели: ‘Од кај е ова?’ И објаснувајќи му ја видов гордоста во него дека сум направил нешто сам“, рече Брејк.
Тој на својот инстаграм-профил објави видео од него како свири клавир во еден скопски локал. Неодамна, Брејк ја промовираше новата балада „Една во милион“ и рече дека подготвува нов албум.










