За првпат од Големата депресија во 1930-тите години, Соединетите Американски Држави бележат историски тренд: повеќе луѓе ја напуштаат земјата отколку што се доселуваат во неа. Иако фокусот на јавноста и политиката често се задржува на депортациите и строгите визни правила, во позадина се одвива тивок егзодус на граѓани на САД кои својот „американски сон“ сега го бараат во странство.
Истражувањата објавени од „Wall Street Journal“ покажуваат дека денес секој петти Американец би сакал да се пресели во странство, што е двојно повеќе во однос на периодот на рецесијата во 2008 година. Според проценките, САД само во 2025 година забележале нето-загуба од околу 150.000 луѓе, а се очекува тој број да расте.
Новите американски емигранти своите мотиви ги опишуваат како сплет од економски причини, желба за подобар начин на живот и разочараност од моменталната насока на Америка. Една од главните причини за заминување се пониските трошоци за живот, животот во Европа, Азија и Латинска Америка нуди значително подостапно секојдневие, особено со актуелната инфлација во САД.

Исто така важна ставка е и здравствената заштита. Достапното јавно и приватно здравство во други држави привлекува огромен број луѓе, од млади работници до пензионери.
Сè повеќе родители заминуваат за да го избегнат стресот поради вооружени напади во училиштата и да им обезбедат на децата поевтино и побезбедно високо образование. Повеќе од 100.000 млади Американци моментално студираат во странство.
Европа и Балканот како нови топ-дестинации
Во речиси сите 27 држави членки на Европската Унија бројот на Американци урива рекорди. Во Португалија нивниот број се зголемил за повеќе од 500 проценти од пандемијата. Во Шпанија и Холандија тој број се удвоил во последните десет години. Интересен е податокот дека минатата година повеќе Американци се преселиле во Германија отколку што Германци заминале во САД.
Освен западна Европа, Балканот станува сè попопуларен. Албанија нуди посебна виза за американски граѓани што им овозможува живот и работа, со една година ослободување од данок на странски приходи без излишни прашања. Агенциите за преселување бележат огромен интерес бидејќи Американец во Албанија може многу удобно да живее со околу 1.000 долари месечно.

Додека порано емигрирале главно добро ситуирани поединци, сликата денес целосно се променила. Агенциите за релокација пријавуваат невидена побарувачка од „обични“ луѓе, од архитекти и инженери, преку разведени лица во средни години што бараат нов почеток, па сè до лица со попреченост кои се обидуваат да ги растегнат своите социјални примања. Пријавите за странски државјанства и откажувањата од американски пасоши ги уриваат сите историски рекорди.
Овој масовен егзодус отвора суштинско прашање за државата која 250 години се гордееше со статусот на врвна дестинација за имигранти: Дали новиот американски сон всушност значи – повеќе да не се живее во Америка?
















