Милош (21) живее во шатор и има 300 овци: „Никогаш не би го менувал својот живот“

Точка

26/02/2026

17:31

628

Големина на фонт

а а а

Милош Шкориќ има 21 година и животот го поминува на падините на Фрушка Гора, планина во северна Србија, во Војводина. Се занимава со номадско овчарство. Првата овца ја купил уште во седмо одделение, а денес деновите ги минува во шатор со стадо од 300 овци, 100 јагниња, пет кокошки, четири кучиња и едно ждребе. Неговото секојдневие се сведува на чување животни, работа на пасишта и живот во природа, понекогаш и без струја, пишува "Mitrovica.info".

Од една овца до големо стадо

Љубовта кон оваа работа се родила рано и Милош од самиот почеток бил решен да создаде сопствено стадо. „Првата овца ја купив во седмо одделение. Работев сè што можеше за дневница, прифаќав секоја работа само за да купам уште овци. За неколку години научив по нешто и сфатив како всушност функционира сето тоа“, се присетува Милош.

Со номадско чување овци почнал во прва година средно училиште, кога веќе имал 20 грла. Пресвртниот момент се случил неколку години подоцна. „Не сум сигурен дали беше трета или четврта година средно, кога колегата Миленко ми кажа дека еден човек продава 145 овци. Тоа ме привлече, па со негова помош и совет ги купив тие 145 овци и почнав посериозно“, раскажал. Целата сума успеал да ја исплати во договорениот рок од една година.

Живот во шатор 365 дена во годината

Номадскиот начин на живот значи постојано движење. „Номадско чување значи дека со шаторот и стадото се селиш таму каде што има пасиште. Се приспособуваш на теренот и пашата за овците да имаат што да јадат. Кога ќе испасат едно место, се селиме понатаму“, објаснува младиот човек, додавајќи дека практично живее во шатор. „Се случувало по два или три месеци да не сме блиску до дома. Имам акумулатор, па на него го полнам мобилниот за да можам да се слушнам со моите. Ние сме надвор 365 дена во годината, немаме штали, овците постојано се на отворено“, вели Милош. Овците се јагнат и во зима, без оглед на временските услови. „Неодамна, кога наврнаа 40 сантиметри снег, се јагнеа токму на тој снег“, додава.

Предизвици на овчарскиот живот

Со стадото секогаш мора некој да биде, па во шаторот се менува со дедо му. Опасностите се бројни, од крадци до диви животни, но Милош вели дека најголем проблем им создаваат кучињата скитници. „Луѓето оставаат кучиња во шума, а такво куче ќе дојде и за една ноќ ќе ми задави 15 јагниња. Тоа значи дека 15 овци сум ги чувал цела година залудно“, вели тој.

Љубов кон животните и самостојност

И покрај сите тешкотии, Милош не би го менувал својот живот. Вели дека пресудна е љубовта кон животните. „Не би се занимавал со ова ако не ги сакам. Никогаш не би ги продал сите. Би задржал барем десет овци од љубов. Да се дома и да ги хранам, само за да можам да ги гледам“, искрено вели. Горд е што сè стекнал сам, со сопствен труд. „Знам дека сè сум стекнал благодарение на нив. Си го финансирав и школувањето, сè. Не зависев ни од мама ни од тато“, заклучува Милош, инаку студент на Факултетот за технички науки.