Русија: На Украинците им предадовме тела на илјада војници, тие ни ги предадоа 35

Макфакс

26/02/2026

12:54

308

Големина на фонт

а а а

Русија ѝ ги предаде на Украина останките на илјада украински војници, а за возврат ги прими телата на 35 руски војници, изјави советникот на Кремљ, Владимир Медински.

„Телата на 1.000 убиени украински војници ѝ се предадени на Украина. Русија за возврат ги прими телата на 35 руски војници“, објави советникот и преговарач на Кремљ, Владимир Медински, на Телеграм.

Размената на останки на борци е една од ретките области на соработка меѓу Москва и Киев од почетокот на големата офанзива на Русија против соседната земја, која влезе во својата петта година во вторник. Медински го придружи соопштението со фотографија од луѓе во бели заштитни одела кои носат вреќи за тела од камион-ладилник.

Соопштението доаѓа пред разговорите во Женева меѓу украинскиот преговарач Рустем Умеров и претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, за подготовка на нови трилатерални разговори со Русија што треба да се одржат на почетокот на март.

Се очекува економскиот советник на Кремљ, Кирил Дмитриев, исто така, да се сретне со Виткоф и Кушнер во Женева.

Вашингтон се залага за крај на војната во која загинаа и беа ранети стотици илјади луѓе и предизвика масовно уништување во Украина. Но, разговорите се заглавени, главно затоа што Москва бара од Киев да отстапи територија, што Украина одбива да го стори.