Хамонд преживеа три илјади коњски сили: „Ова не е забрзување, ова е релокација“

Точка

26/02/2026

07:32

1.037

Големина на фонт

а а а

Познатиот автомобилски новинар Ричард Хамонд го тестираше „YangWang U9 Extreme“, електричен хиперавтомобил со речиси 3.000 коњски сили, кој се фали со максимална брзина од речиси 500 км/ч.

Во ексклузивно тестирање на тркачка патека, Ричард Хамонд стана првиот новинар од „западот“ што седна зад управувачот на кинескиот електричен хиперавтомобил „YangWang U9 Extreme“. Возилото, кое располага со неверојатни 2.978 коњски сили, во моментов се истакнува како најбрзиот сериски автомобил во светот, способен да достигне брзина од 472,41 км/ч. Да му се довери ваква електрична „ѕверка“ на Хамонд, кој пред неколку години со сличниот, но повеќе од двојно послаб „Concept_One“ на „Rimac“ излета од патеката и едвај преживеа, некои веќе го нарекоа храбар потег.

„Оди по сите рекорди“

Сепак, Хамонд ја „преживеа“ оваа возачка авантура и, меѓу другото, изјави дека чувството на забрзување ги надминува вообичаените параметри, опишувајќи го искуството како моментална „релокација“ на телото од едно место на друго, додека внатрешните органи се обидуваат да го стигнат забрзувањето на возилото. Техничката страна на автомобилот открива фасцинантни податоци: секој од четирите електромотори на тркалата испорачува повеќе од 740 коњски сили, додека целиот систем работи на напон од 1.200 V. И покрај масата од два и пол тони, возилото користи напреден систем на активна суспензија што му овозможува во свиоци да се навалува како мотоцикл, компензирајќи ја тежината на батериите и одржувајќи стабилност.

Легендарниот британски авто-новинар нагласи дека овој модел претставува јасен сигнал од кинеската автоиндустрија која, според неговите зборови, „едноставно доаѓа по сите рекорди“ со импресивна технолошка надмоќ. Еден од тие рекорди веќе „падна“ минатата година, кога „YangWang U9 Extreme“ извози круг на „Nürburgring“ за помалку од седум минути и со тоа ја симна од тронот „Rimac Nevera“.

Иако призна одредена доза страв поради споменатиот инцидент со хрватскиот суперавтомобил, Хамонд заклучи дека „YangWang U9 Extreme“ успешно ги споил суровата сила и напредната аеродинамика. Задното крило и софистицираните системи за контрола тука не се само естетски додатоци, туку неопходност при брзини каде секоја грешка може да биде многу скапа. Неговата видео-рецензија завршува со констатацијата дека овој автомобил не претставува само еволуција, туку вистинска револуција што ќе го натера целиот автомобилски свет повторно да ги преиспита досегашните стандарди за брзина и моќност.