Во Италија пронајдени белешките на Мусолини за средбата со Хитлер

Точка

23/02/2026

20:56

645

Големина на фонт

а а а

Во Италија се пронајдени досега непознати белешки на поранешниот фашистички диктатор Бенито Мусолини за средбата со нацистичкиот водач Адолф Хитлер во 1944 година, пренесоа денеска германските медиуми.

Како што се наведува, специјална единица на карабиниерите ги предала рачно напишаните белешки на пет страници во Централниот државен архив во Рим, објави „Шпигел“.

Се смета дека белешките имаат „посебно историско значење“, наведува весникот.

Документите биле понудени на продажба во една аукциска куќа во Торино, а полицијата ги конфискувала и спровела детална анализа.

Првичните истраги, засновани на споредба на ракописот, покажале дека ракописот и монограмот на крајот од една од страниците јасно можат да му се припишат на Мусолини.


Според зборовите на експертите од специјалната единица на карабиниерите за заштита на културното наследство, спорните документи се записи од состанокот со Хитлер одржан на 22 април 1944 година во дворецот Клесхајм, во близина на Салцбург, Австрија.

Белешките се однесуваат на различни теми поврзани со вооружените сили, политиката, економијата и трудот.

Напишани се, по сè изгледа, во рамки на директните подготовки за средбата на двајцата диктатори.

Властите не објавија подетални информации за содржината на белешките.

Иако белешките не се датирани, нивната содржина, како што наведуваат од полицијата, одговара на темите за кои разговарале Мусолини и неговото потесно опкружување за време на состанокот со Хитлер.

Експертите веруваат дека Мусолини најверојатно ги користел белешките и за време на самата конференција, бидејќи биле превиткани четири пати, наведува „Шпигел“.