Им го украл автомобилот, па добиле казна оти крадецот возел без појас

Макфакс

22/02/2026

14:19

283

Големина на фонт

а а а

Брачниот пар Лејла и Хамид од Голд Кост, Австралија, прво станале жртви на кражба во нивниот дом, а потоа добиле и казна од околу 3.750 евра. Казната ја добиле затоа што крадецот кој им го украл автомобилот, Lexus SUV, не бил врзан со безбедносен појас.

Како што пренесува 9 Now Australia’s Today, маскирана група крадци влегла ноќе во нивниот дом додека брачниот пар спиел. Хамид се разбудил од бучавата, успеал да ги истера крадците и да повика полиција. Тврди дека полицијата не дошла, а крадците наскоро се вратиле и овој пат го украле нивниот Lexus SUV.

Хамид вели дека полицијата ја повикал и вторпат, но ни тогаш никој не дошол на адресата. Три недели по инцидентот, тврди тој, полицијата сè уште не го посетила нивниот дом. Наместо помош, парот добил – казна. Сообраќајна камера го снимила крадецот зад воланот на нивниот SUV без безбедносен појас, а паричната казна автоматски им била издадена на сопствениците на возилото. Ако не го платат износот до 3 март, им се закануваат дополнителни трошоци.

Хамид се прашува како е можно системот да го сними прекршокот и да ги казни сопствениците, но не и да ја идентификува лицето кое управувало со украдениот автомобил.

Според податоците на Австралискиот завод за статистика (ABS), во Австралија се краде еден автомобил на секои 11 минути. Во периодот 2023/2024 се украдени повеќе од 60.000 возила, околу 17.000 повеќе од претходната година. Барањата за отштета по кражби речиси се удвоиле од 2015 година и во 2024 достигнале 428 милиони долари.