Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска се закани дека ќе го прекине итното снабдување со електрична енергија на Украина доколку Киев во рок од два дена не преземе чекори за продолжување на транспортот на руската нафта кон Словачка преку украинска територија, кој е во прекин речиси еден месец.
Словачка, заедно со Унгарија е една од само двете земји членки на ЕУ кои сè уште се потпираат на значителни количини руска нафта што пристигнува преку нафтоводот „Дружба“ од советската ера, кој минува низ Украина. Двете земји исто така имаат лидери кои одржуваат блиски односи со Москва, спротивставувајќи се на претежно проукраинскиот европски консензус.
Вчера Унгарија најави блокада на итен заем на Европската унија за Украина во износ од 90 милијарди евра, обвинувајќи ја воено погодената земја за „уценување“ поради оштетениот нафтовод преку кој се транспортира руската нафта. Со овој потег дополнително ескалираат тензиите во пресрет на унгарските општи избори во април.
Нафтоводот „Дружба“ оштетен во напад
Испораката на руска нафта преку главниот нафтовод „Дружба“ е прекината од 27 јануари, кога, според тврдењата на Киев, руски напад со беспилотно летало погодил опрема на нафтоводот во западна Украина. Словачка и Унгарија оваа недела сè погласно бараат обновување на испораките.
Словачка е исто така важен извор на електрична енергија за Украина, на која ѝ е потребна поради тоа што руските напади ја оштетија нејзината електроенергетска мрежа. Експерти од енергетскиот сектор наведуваат дека Словачка минатиот месец обезбедила 18 отсто од рекордниот украински увоз на електрична енергија.
„Доколку испораката на нафта кон Словачка не биде обновена во понеделник, ќе побарам од СЕПС, државното акционерско друштво, да ја запре итната испорака на електрична енергија за Украина“, порача Фицо во објава на Икс.
Украина предложи алтернатива
Украина предложи алтернативни транзитни рути за транспорт на нафта кон Европа додека траат итните поправки на нафтоводот. Во писмо во кое Ројтерс имал увид, украинската мисија при ЕУ предложила испораки преку украинскиот систем за транспорт на нафта или по морски пат, што потенцијално би го вклучило нафтоводот Одеса-Броди, кој го поврзува главното украинско пристаниште на Црното Море со Европската унија.
„Украина доследно ја повторува својата постојана подготвеност да обезбеди транспорт на нафта во рамки на достапната законска регулатива“, се наведува во писмото.
Од октомври минатата година Русија ги засили нападите со беспилотни летала и ракети врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи ја испораката на струја и топлина и оставајќи милиони Украинци во долготрајна темница за време на екстремно ниските зимски температури.
Во текот на целата војна, која започна со руската инвазија и чија четврта годишнина се одбележува во вторник, Украина дозволуваше нејзината територија да се користи за извоз на руска енергија кон Европа, кој е значително намален, но не и целосно запрен.
Унгарија поради нафтоводот блокира 90 милијарди евра помош за Украина
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто вчера изјави дека Киев, Брисел и опозициските сили координирано работат на прекин на снабдувањето со енергенси од политички причини. Целта е, тврди тој, да се влијае врз исходот на клучните избори на кои премиерот Виктор Орбан, според анкетите, заостанува со двоцифрен процент.
„Го блокираме заемот на ЕУ од 90 милијарди евра за Украина сè додека не се обнови транзитот на нафта кон Унгарија преку нафтоводот Дружба“, порача Сијарто во петокот преку социјалните мрежи.
„Украина ја уценува Унгарија со запирање на транзитот на нафта во договор со Брисел и унгарската опозиција, со цел да предизвика нарушувања во снабдувањето во Унгарија и да ги зголеми цените на горивата пред изборите“, додаде тој, алудирајќи на изборите закажани за 12 април.
Тензиите меѓу Унгарија и Украина нагло се зголемија откако Орбан ја заостри својата реторика во предизборната кампања. Премиерот, кој се бори за нов мандат, често го прикажувал украинскиот претседател Володимир Зеленски како некој кој моли за пари и сугерирал дека влезот на Украина во Европската унија неизбежно би довел до поширока војна.
Будимпешта одговорноста за оштетениот нафтовод ја префрла на Украина, обвинувајќи ја дека не прави доволно за неговата поправка, што украинската страна го негира. Европската комисија за следната недела свика итен состанок за да се реши оваа криза, иако Брисел не смета дека постои непосреден ризик за унгарските резерви на нафта.

Словачка и Унгарија одобрија повлекување на нафта од резервите
Словачката влада во средата ѝ одобри на рафинеријата „Словнафт“, во сопственост на МОЛ, „позајмица“ од 250 илјади тони нафта од стратешките резерви, со прогласување вонредна состојба во снабдувањето.
Рафинеријата на државата за „позајмената“ нафта ќе ѝ обезбеди финансиски депозит или банкарска гаранција во соодветна сметководствена вредност, пренесе ТАСР, а резервите мора да бидат надополнети најдоцна до септември. Од „Словнафт“ посочија дека 250 илјади тони би требало да бидат доволни за најмалку еден месец.
Унгарија следниот ден објави дека ќе ослободи околу 250 илјади тони нафта од стратешките резерви, при што приоритетен пристап до резервите ќе има МОЛ. МОЛ ќе може да ја „позајмува“ нафтата до 15 април, со обврска за враќање до 24 август, стои во владината уредба.
И Унгарија и Словачка оваа недела го запреа извозот на дизел кон Украина, пренасочувајќи ги сите нафтени деривати кон домашниот пазар.














