Во 1920-тите години од минатиот век, просечниот животен век беше значително пократок — многу луѓе не доживеаја ни 50 години, а да се дочека 100 години беше речиси незамисливо.
Денеска, сепак, 100-от роденден сè помалку е реткост. Еден од оние кои ја надминале таа граница е Австралиецот Брајан Бери. Тој на 6-ти февруари го прославил својот 102-от роденден и споделил неколку совети.
Не пие и не пуши
Брајан, кого поради виталноста и бистрината на умот го нарекуваат „суперстарец“, по роденденот гостувал во емисијата „Sunrise“. Таму рекол дека тајната на неговата долговечност ја гледа во едноставни одлуки – „не пијам алкохол и не пушам“. „Како дете, никогаш не мислев дека ќе доживеам 102 години. Па, кој воопшто мисли дека ќе доживее 102?“, рекол тој.
„Денешниот свет ме изненадува“
Тој се осврнал и на промените во општеството, велејќи дека „животот целосно се променил“ и дека денешниот свет е „поразличен“. На прашањето што мисли за денешницата, рекол дека е „изненаден“. „Децата немаат почит“, додал.

„Мојот татко ќе ме повлечеше за уво ако не ѝ ја отворев вратата на мајка ми или ако не ѝ отстаев седиште во трамвај на постара госпоѓа. Знаете, манирите се подразбираа. Тоа се учеше дома, а денес е поинаку“, истакнал Брајан.
Пример за здраво стареење
Истражувачите кои се занимаваат со деменција истакнале дека начинот на живот на Брајан е одличен пример за здраво стареење и зачувување на мозокот во длабока старост. Тие рекле дека во негова полза оди движењето, активностите, социјалниот живот, избегнувањето цигари и преголемо пиење алкохол, како и чувството дека има цел и дека им помага на другите — сите тие, според нив, му помагаат да остане бистар.

Истражувачите од „CHeBA“ (Центар за здраво стареење на мозокот) додале и дека позитивниот став му значел многу. Кога го прашале што прво му поминува низ мислите наутро, Брајан го открил својот мал ритуал: „Секое утро кога ќе се разбудам, си велам: ’Брајан, тука си уште еден ден. Фала му на Бога‘“, заклучил тој.










