Кога бевме опозиција, застанавме со работниците затоа што имаше реален проблем – платите доцнеа, колективните договори не се почитуваа и се подготвуваа законски измени со кои минималната плата требаше да се исфрли од формулата за пресметка. Тоа ќе значеше прекин на линеарниот раст и слабеење на заштитниот механизам за илјадници вработени, кажа Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Тогаш, како што дополни заедно со синдикатите, биле поднесени над 40 амандмани.
Не дозволивме, додава пратеникот, минималната плата да биде отстранета од системот.
„Тоа е причината зошто денес, кога расте минималната плата, растат и останатите примања.
Разликата денеска е суштинска. По две години управување со државата, не зборуваме за барања – зборуваме за реализирани договори. Во општините платите се зголемени во просек за околу 5.000 денари. Во основното и средното образование обезбедивме раст од 46% до 60% во четиригодишен период. Во високото образование зголемувањето е минимум 14%. Во здравството – од 40 до 50% во еден мандат. Полициските службеници добија 10%, социјалните работници 20%, а околу 11.000 административци, судски и обвинителски службеници имаат гарантирано покачување од 40% до 2028 година“.
Според него, сите колективни договори се испочитувани, платите се исплаќаат редовно.
„Инфлацијата е стабилизирана од двоцифрени стапки на едноцифрена стапки на инфлација.
Ова се системски решенија, не се импровизации. Оваа Влада вака го реализира договорот со работниците. Ние не бегаме од дијалог за минималната плата, но решенијата мора да се носат институционално – во Економско-социјалниот совет, со одржлив пристап што ја штити и економијата и буџетот. Кога сме во опозиција – спречуваме штета. Кога сме на власт – обезбедуваме раст.
Работниците заслужуваат сигурност, договор што важи и политика што носи резултати“.












