Само еден аеродром од земјите на поранешна Југославија се нашол меѓу 100-те најпрометни во Европа, според годишниот извештај на „Airports Council International“ (ACI) за 2025 година – Аеродромот Никола Тесла во Белград.
Со вкупно 8.912.349 опслужени патници, белградскиот аеродром го зазел 74 место на листата најпрометни европски аеродроми. Со тоа се нашол пред аеродромите во Рејкјавик, Глазгов, Софија и Рига, но зад Палермо, Ибица и Лансароте.
Во однос на 2024 година, Аеродромот Никола Тесла забележал пораст од 544.418 патници.

Загреб и Приштина близу топ 100
Загрепскиот аеродром го зазел 107 место во Европа, пред аеродромот на Крф.
Аеродромот во Приштина се пласирал на 109 место, следат Сплит на 121 позиција, Скопје на 129, Дубровник на 133, па Сараево на 145 место.
Главниот град на Босна и Херцеговина дури вторпат се нашол меѓу 150-те најпрометни аеродроми во Европа.
Подгоричкиот аеродром останал надвор од 150, втора година по ред, заземајќи го 157 место, додека пак Задар се нашол на 161 позиција. Љубљанскиот аеродром бил најлошо рангиран меѓу главните градови во Европа, пласирајќи се на 165 место меѓу речиси 500 аеродроми.
Хитроу и натаму најпрометен
Во текот на 2025 година најпрометниот аеродром во Европа бил Лондон Хитроу, со 84,4 милиони патници, а веднаш зад него се нашол аеродромот во Истанбул.
Следат аеродромите во Париз, Амстердам, Мадрид, Франкфурт, Барселона, Рим, Истанбул и Минхен...
Вкупниот патнички промет на европските аеродроми во 2025 година се зголемил за 4,4 отсто во однос на претходната година со што забележано е враќање на стабилната стапка на раст по пандемијата на Ковид-19.

Европските аеродроми минатата година опслужиле дополнителни 100 милиони патници, постигнувајќи рекордни 2,6 милијарди патници. Сепак, околу 41 отсто од аеродромите и натаму не го достигнале нивото на промет од предпандемиската 2019 година.
Аеродромите надвор од Европската унија забележале поголем раст на патнички промет од просекот, со зголемување од 6,2 отсто во однос на 4 отсто колку што оствариле аеродромите во внатрешноста на ЕУ, известува „Wx-Yu Aviation News“.











