Венсан Компани веќе некое време му е посветен на тренерскиот занает и во моментов со успех го води Баерн Минхен, но пред да дојде оваа епизода во неговиот живот тој беше еден од најдобрите светски дефанзивци, вистински лидер на клупски и репрезентативен план.
Компани најголемо признание доби како член на Манчестер Сити, меѓутоа претходно беше одличен и во Хамбургер, а кариерата ја почна и ја заврши во родната Белгија во Андерлехт.
Низ активното патување се соочи со многу предизвици, многу противници, но еден најмногу го има импресионирано-тоа е Роналдињо.
- Роналдињо ме импресионираше најмногу. Секако Меси и Роналдо се веројатно најдобрите играчи – но од она што го видов во еден натпревар, тоа беше Роналдињо, - истакна Белгиецот кој откри кои се најдобрите тренери со кои соработувал.
- Најдобриот тренер што сум го имал беше секако Пеп Гвардиола. Тој ми го отвори разбирањето за фудбалот. Не се обидувам да правам работи исто како Пеп. Пеп е различен, тој беше најдобар. Земав одредени работи од секој тренер со кој работев. Манчини, Хуб Стивенс беа исто така добри примери – земате работи од секој тренер за да ја напишете сопствената приказна.
- Не станува збор за тактиките на Гвардиола. Станува збор за менталитетот секогаш да сакаш да победиш во сè, да го гледаш секој натпревар како важен, без разлика помеѓу натпревар против главниот ривал и натпревар против тим од втората лига. Да имаш менталитет секогаш да бидеш присутен, - порача Компани.








