Една објава на ТикТок која ја споделил вработен во австриска фабрика во последниве денови предизвикала мноштво реакции и бран на носталгија на социјалните мрежи, потсетувајќи ги многумина на индустриската сила на некогашна Југославија.
Работник во Австрија нашол алат со натпис „Yugoslavia“
Имено, работник од Балканот, во текот на неговата смена, се изненадил кога посегнал по алат којшто и денес секојдневно се користи, а на кој јасно бил изгравиран натписот „Yugoslavia“. Станува збор за клуч од марката „Tang“, произведен во Нова Градишка којшто и повеќе од три децении по распадот на државата беспрекорно ја извршува својата функција.
„Југославија имаше квалитет“
Објавата за кратко време станала вирална, предизвикувајќи лавина коментари од цел регион и дијаспората. Поголем дел од нив се согласиле – некогаш се произведувале работи за да траат, а не за кратко време да се заменат.
„Југославија имаше квалитет, а тоа беше ЈУС стандард. Ретко кој имаше таков материјал. Ги извезуваше производите ширум светот и беше вистинска сила“, напишал еден корисник, а неговиот коментар добил многу допаѓања.

Се докажало дека Австрија не е единственото место каде и денес се користат југословенски алати. Набрзо потоа се огласиле и други работници, па пристигнале фотографии од истиот клуч од Норвешка, што дополнително ја иницирало дебатата за некогашната индустрија и производните стандарди.
„Бевме четврта воена сила во Европа, а нашиот пасош ги отвораше сите врати. Денес нѐ паметат по квалитетот којшто некогаш го имавме“, напишал некој човек во коментар.
„Мораа да нѐ разделат затоа што ќе станевме сила на планетата“, „Ми потекоа солзи“, додале други.

Клучот којшто ја надминал својата намена
Обичниот клуч со број 22 така ја надминал својата основна намена и станал симбол на времето во кое индустријата била еден од темелите на општеството.
Додека денес голем дел од модерните алати се прават од евтини легури кои не поднесуваат големо оптоварување и „пукаат“ при појак притисок, „Tang“ од Нова Градишка и натаму му одолева на времето.
За многумина овој клуч не е само парче метал туку потсетник на стандардите кои некогаш биле на светско ниво и редок момент на заедничко сеќавање, кој дури и на кратко го спојува поделениот Балкан.









