Белгискиот министер ги предупреди европските лидери поради изјавите за нуклеарното оружје: „Држете го јазикот за заби“

Макфакс

18/02/2026

20:35

237

Големина на фонт

а а а

Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен ги критикуваше европските лидери поради, како што наведе, премногу отворените изјави за нуклеарното оружје.

„Кога станува збор за нуклеарното одвраќање, навистина не разбирам зошто европските лидери се толку брборливи. Тоа не е мудро. Ве молам, држете го јазикот за заби“, порача Франкен на платформата „Икс“, реагирајќи на интервју на германскиот канцелар Фридрих Мерц, пренесе „Политико“.

Во интервјуто, Мерц ја исклучи можноста Германија да развие сопствено нуклеарно одвраќање, но рече дека германските борбени авиони потенцијално би можеле да носат француско и британско нуклеарно оружје. Германија и Белгија се дел од американската програма „нуклеар шеринг“, во рамки на која нивните воздухопловни сили можат да носат американски нуклеарни бомби.

Изјавите на Мерц и Франкен доаѓаат во момент кога се интензивира дебатата за европското нуклеарно одвраќање во пресрет на говорот на францускиот претседател Емануел Макрон на 2 март. Се очекува Макрон да испрати пораки за улогата на францускиот нуклеарен арсенал во европската безбедност.

Белгискиот министер за одбрана се осврна и на коментарите на Мерц за проектот „Фјучр Комбат Ер Систем’ (Future Combat Air System) – борбен авион од нова генерација што го развиваат Германија, Шпанија и Франција.

„Системот е мртов, според германскиот канцелар во овој поткаст. Нема да има француско-германски борбен авион од шеста генерација. Белгија беше набљудувач во таа програма. Ќе ја преиспитаме нашата позиција“, наведе Франкен.